Маврово меѓу бетон, цевки и моторни пили

Цевка од хидроцентрала во водопоадот на реката какачка во Националниот парк Маврово.

Додека меѓународните конвенции со години бараат запирање на хидроцентрали во заштитените подрачја, на терен реките се ставаат во цевки, а институциите или доцнат или замижуваат.

Планинската патека тивко ја следи реката. Водата е студена и бистра, шумата густа, а звукот толку гласен што покрива сè друго.

И потоа пејзажот се крши.

Се појавува објект – бетонска градба втисната во самата падина над која се издигнува дебела цевка.

Тука реката природно паѓа, а цевката е бутната во водопадот каде ја собира водата и ја носи до машинската зграда каде се произведува струја.

Ова е хидроцентрала на реката Какачка во Националниот парк Маврово.

Таа е една од четирите кои беа изградени во заштитеното подрачје во изминативе десетина години.

Токму вакви интервенции, според Бернската конвенција, се спротивни на статусот на заштитено подрачје и на меѓународните обврски на државата за заштита на природата.

Откако во 2010 година почна изградбата на хидроцентрали во Маврово, Конвенцијата во 2014 година го отвори случај со што експлицитно бара суспензија и откажување на плановите за градење на останатите хидроцентрали за кои беа дадени концесии.

Хидроцентрла на Какачка река во Националниот парк Маврово.

Хидроцентралата на Какачка река овде е прикажана како илустрација за тоа како изгледа ваков објект изграден во национален парк, а барањата на Бернската конвенција се однесуваат на запирање на нови вакви проекти и повлекување на концесиите кои се дадени за три хидроцентрали чија изградба сè уште не е започната.

Владите и раководствата во институциите низ целиот тој период се менуваа, но концесиите за хидроцентралите не беа повлечени. Иако две хидроцентрали на Жировничка река се во постапка на раскинување на концесиите, процесот сè уште не е финализиран. Раскинување на концесијата се бара и за хидроцентралата на Рибничка река.

И на последниот состанок на Комитетот на Бернската конвенција овој месец, за случајот Маврово беше укажано дека Владата сè уште ги нема спроведено препораките за целосно откажување на концесиите.

„Очигледно е дека и по 11 години од отворањето на случајот, нема доволен интерес за негово разрешување преку примена на сите дадени препораки“ вели Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација Еко-свест која е подносител на случајот.

До објавувањето на текстот од Владата не стигна одговор на нашето прашање дали има конкретен рок и план за откажување на сите концесии за хидроцентрали во рамки на Националниот парк Маврово?

Освен на Какачка река, хидроцентрали веќе се изградени на реките Тресонечка и Галичка и на реката Беличица.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хидроцентрала на река Какачка во Националниот парк Маврово.

Сеча на шумата

И не се само реките оние врз кои се оставени лузни во Маврово. На територијата на паркот често се забележува и сеча на шумата.

Селото Врбен е само една локација каде се исечени деценски стари дрвја.

Сеча на шума во селото Врбен во НП Маврово, по шумски пожар кој зафатил деценски стари смрчи.

Љубители на природата кои секојдневно шетаат и уживаат во мавровските шуми и реки, ни раскажаа дека во 2024 година во Врбен се случил шумски пожар кој зафатил деценски стари смрчи - вид на иглолисни зимзелени дрвја.

„Иако пожарот беше веднаш ставен под контрола, шумата беше исечена веќе следната недела“, ни раскажаа луѓето кои сакаа да останат анонимни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сеча на шума во село Врбен

Импровизирани кампови

Низ шумите на Маврово често може да се видат импровизирани кампови на оние што сечат дрвја.

Овие привремени засолништа се направени од најлон и душеци за спиење.

Шумското тло околу нив е расфрлано со пластични шишиња од масло за моторни пили, празни канистри и отпад од амбалажа од храна и пијалоци.

Бернската конвенција препорачува основното финансирање за работењето и управувањето со националните паркови во Северна Македонија да се обезбедува директно од државниот буџет, а не преку прекумерна експлоатација на природните ресурси или други неодржливи извори на приходи.

Импровизиран камп во Националниот парк Маврово.

Според Конвенцијата, ваквиот пристап е предуслов за заштита на природата и усогласување со меѓународните стандарди за управување со заштитени подрачја.

Владата не даде објаснување за фактот зошто истите забелешки се повторуваат и во извештаите на Бернската конвенција и во Извештајот за напредок на Европската комисија за 2025 година, и какви последици очекува тоа да има врз европската интеграција и меѓународниот углед на државата?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Импровизиран камп за сечење шума во Маврово

Што велат препораките?

На последниот состанок на Бернската конвенција беше констатирано дека клучните обврски сè уште не се исполнети:

Освен тоа што не се откажани концесиите за хидроцентрали, не се донесени ниту измените на Законот за води, нема нов Закон за природа, а Националниот парк Маврово не е репрогласен.

Истите забелешки се нотирани и во Извештајот за напредок на Европската комисија за 2025 година.

Препораките на Бернската конвенција велат дека Владата треба да ги суспендира и откаже сите веќе одобрени и планирани концесии за хидроцентрали ( мали, средни и големи) во националните паркови, заштитените подрачја, светските природни наследства и идните „Емералд“ и „Натура 2000“ подрачја.

Тука можете да ги прочитате сите препораки на Бернската конвенција.

Забраната, според Конвенцијата, треба да важи и за проекти надвор од границите на парковите доколку тие имаат негативно влијание врз заштитените екосистеми.

Конвенцијата инсистира на примена на најновите меѓународни стандарди што забрануваат хидроенергетски проекти во подрачја со статус на светско природно наследство.

Од Владата не добивме одговор зошто и по повеќе од една деценија од отворањето на случајот и по повторените заклучоци на Бернската конвенција, сè уште не се спроведено клучните препораки.