Американски и украински претставници изјавија дека постигнале значителен напредок за време на дводневните разговори насочени кон ставање крај на руската инвазија, при што Вашингтон наводно му понудил на Киев безбедносни гаранции моделирани според Член 5 на НАТО за меѓусебна одбрана.
Иако остануваат прашањата за клучните прашања, вклучително и судбината на територијата што Киев сè уште ја држи во источниот регион Донецк, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за ставање крај на најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа по Втората светска војна се чини поблиску од кога било.
„Се обидуваме да го завршиме и мислам дека сега сме поблиску“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на 15 декември откако европските, американските и украинските делегации одржаа неколкудневни разговори во Берлин.
„Имавме бројни разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, и мислам дека сега сме поблиску од кога било, ќе видиме што можеме да направиме.“
Трамп рече дека неодамна разговарал со Путин, но не даде детали или временска рамка за тој разговор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 декември изјави дека разговорите биле тешки, но корисни, а неговиот главен преговарач, Рустем Умеров, рече дека во Берлин е постигнат „вистински напредок“ со специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кои се меѓу тимот американски делегати.
„Ќе бидам искрен со вас, ваквите разговори никогаш не се лесни. Но, тоа беше продуктивен разговор, со многу детали, навистина многу“, рече Зеленски на германско-украинскиот бизнис форум што следеше по состанокот меѓу САД и Украина.
На прес-конференцијата подоцна со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски рече дека страните „имаат разлики“ во однос на територијата, велејќи дека прашањето „не е затворено“.
Тој посочи дека украинските преговарачи ќе продолжат со разговорите со американската делегација, а американски функционер рече дека Трамп ќе се јави на заедничка вечера.
„Територијалното прашање е болно. Знаеме 100 проценти што сака Русија - и за мене е клучно што Американците ме слушнаа за ова“, рече Зеленски.
„Верувам дека Американците, како медијатори, ќе истражат различни начини за решавање на проблемите“, вклучувајќи ги и тие за територија и финансиите за реконструкција на Украина.
Американците „работат исклучително конструктивно за да ѝ помогнат на Украина да најде начин за мировен договор што ќе трае. Се надеваме дека до крајот на денот ќе постигнеме договор што ќе нè доближи до мир“, напиша Умеров иако останува нејасно дали тој го мисли тоа и буквално до крајот на денот.
Видете и ова: Втор ден разговори меѓу преговарачите на САД и Украина во БерлинНовинската агенција Ројтерс цитираше неименувани американски претставници кои рекле дека постои консензус за голем број прашања и оти 90 проценти од прашањата меѓу Русија и Украина се решени, но дека има уште многу за дискусија. Тие изјавиле дека Трамп е задоволен од тоа каде стојат работите сега.
Германскиот канцелар Мерц беше оптимист, велејќи дека сега се појавила најголемата шанса за вистински мировен процес од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година и дека САД понудиле голем материјален придонес во однос на безбедносните гаранции за Украина, што е клучно прашање.
Со притисокот на САД за мировен договор, клучното прашање останува и судбината на големи делови од украинската територија, особено делот од регионот Донецк што силите на Киев сè уште го држат под контрола и покрај долгогодишните напори на Русија да го освои Донбас, кој во целост ги опфаќа регионите Донецк и Луганск.
Мерц пред новинарите изјави дека само Украина може да одлучува за територијални отстапки, а слична констатација дал и американски претставник.
Во врска со уште едно клучно прашање, американски функционер изјавил пред новинарите дека САД му нудат на Киев силни „навистина, навистина силни“ безбедносни гаранции во согласност со Членот 5 на НАТО – според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите - и изрази увереност дека Русија ќе ги прифати предложените мерки.
„Тие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие гаранции се на маса токму сега ако се постигне заклучок на добар начин“, рече функционерот.
План од 20 точки
Разговорите на 15 декември следуваа по петчсовниот состанок еден ден претходно кога Виткоф на социјалната мрежа Икс напиша дека „[е постигнат] голем напредок во „длабинските дискусии во врска со планот од 20 точки за мир, економските агенди и друго“. Тој не даде повеќе детали.
Планот за мир од 20 точки се појави откако Украина и нејзините европски поддржувачи се потрудија да дадат контрапредлози по предлогот на Соединетите Држави кои излегоа со план од 28 точки што ги одразуваше некои од позициите на Москва и беше оценет како поволен за Русија.
„Според мене, најважно е планот да биде што е можно пофер – пред сè за Украина, бидејќи Русија ја започна оваа војна. И пред сè, тој мора да биде функционален“, рече Зеленски во разговор со новинарите преку WhatsApp пред да почнат разговорите на 14 декември.
Под анти-дрон мрежите што ги штитат фронтовските линии во Украина
Може ли ЕУ да ги користи замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина?
Во меѓувреме, лидерите на Европската Унија на самитот на 18 декември треба да одлучат дали ЕУ може да користи десетици милијарди замрзнати руски средства за да се даде голем заем за Украина, чија економија речиси четири години се бори да опстане во услови на тотална војна.
„Ако не успееме во ова, тогаш способноста на Европската Унија да дејствува ќе биде сериозно оштетена со години, ако не и подолго, и ќе му покажеме на светот дека не сме способни да стоиме и да дејствуваме заедно во толку клучен момент од нашата историја“, рече Мерц.
Друга пречка за мир е фактот дека рускиот претседател Владимир Путин, кој ја започна инвазијата во обид да ја покори Украина, даде малку индикации дека е подготвен да направи значајни отстапки.
Зеленски на 14 декември изјави дека Украина е подготвена да се откаже од својата желба да се приклучи на НАТО, барем засега, но дека се потребни цврсти западни безбедносни гаранции за да се осигури дека Русија нема повторно да нападне во одреден момент по постигнувањето на мировен договор.
„Од самиот почеток, желбата на Украина беше да се приклучи на НАТО – ова се вистински безбедносни гаранции“, рече Зеленски како одговор на новинарско прашање во разговор преку WhatsApp.
„Некои партнери од САД и Европа не ја поддржаа оваа насока. Така, денес, билатералните безбедносни гаранции меѓу Украина и САД, гаранциите слични на Член 5 за нас од САД и безбедносните гаранции од европските колеги, како и од други земји – Канада, Јапонија – се можност да се спречи уште една руска инвазија“, рече Зеленски.
„И тоа е веќе компромис од наша страна“, порача украинскиот претседател додавајќи дека сите такви гаранции треба да бидат правно обврзувачки.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, на 15 декември изјави дека забраната за приклучување на Украина кон НАТО е „камен-темелник“ на секој мировен договор во очите на Кремљ и дека Русија очекува да слушне информации од американските претставници по разговорите во Берлин, во кои Москва не е вклучена.
Пред преговорите што почнаа на 14 декември, Зеленски се спротивстави на предлозите Киев да го отстапи, дури и де факто, делот од регионот Донецк што украинските сили сè уште го држат под контрола. И, ако Украина мора да се повлече од фронтовските линии во Донбас, тој посочи дека и руските сили ќе мора да го сторат тоа.
„Верувам дека, од денес, фер и одржлива опција е ’ние остануваме таму каде што стоиме‘. И тоа е вистина, бидејќи токму тоа е прекин на огнот – страните остануваат таму каде што се, а потоа се обидуваат да ги решат сите пошироки прашања преку дипломатија“, рече Зеленски.
Видете и ова: Калас: Разговорите за заемот за репарации се „сè потешки“„Знам дека Русија гледа негативно на ова и би сакал Американците да нè поддржат во овој став. Но, како одговор на нашиот став – ’ние остануваме таму каде што стоиме‘ – Русите велат дека мора да се повлечеме од Донбас, или тие сепак ќе го окупираат“, додаде тој.
Зеленски посочи дека САД предлагаат создавање „слободна економска зона“ во делот од регионот Донецк што Киев сè уште го контролира, со повлекување на украинските сили и забрана за влез на руските сили.
Сепак, советникот на Путин, Јуриј Ушаков, го повтори неоснованото тврдење на Кремљ дека Донецк и Луганск се руска територија и рече оти Москва ќе распореди војници и полиција на Националната гарда во која било демилитаризирана зона таму.
Зеленски минатата недела рече дека секоја потенцијална територијална отстапка треба да биде ставена на гласање од страна на украинското население. И на 14 декември, тој посочи дека ако „украинските сили се повлечат, на пример, 5-10 километри, зошто руските сили не би се повлекле и на исто растојание подлабоко во окупираните територии?“
„Значи, ова е прашањето што засега останува неодговорено. Но, тоа е исклучително чувствително и многу жестоко“, рече тој.
Трамп се обидува да посредува и да ја заврши војната откако во јануари годинава по втор пат ја презеде функцијата, но напредокот во преговорите е бавен, а Путин рече дека Русија со сила ќе ги постигне своите цели ако не може да го стори тоа преку дипломатија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, минатата недела изјави дека Трамп е „екстремно фрустриран од двете страни во оваа војна“.
Во меѓувреме, руските сили продолжија да бомбардираат градови низ Украина и се обидуваат да напредуваат на фронтовските линии на исток и југ, среде најновиот бран дипломатски средби.
Главната безбедносна служба на Украина, СБУ, на 15 декември соопшти дека украинските сили нападнале и направиле критична штета на руска подморница во црноморското пристаниште Новоросијск, каде што е сместен дел од руската флота.