Родителите на жртвите од пожарот во „Пулс“ бараат одговори од Обвинителството

Parents of the victims in Kocani at a protest "March for the Angels".

Родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска, на 33. „Марш за ангелите“, му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, барајќи објаснување зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени со истрагата.

Тие посочија дека, водејќи се од начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост пред законот, покажале трпение и во изминатиот период од три плус три месеци не побарале информации за текот на постапката.

Како што истакна Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, рокот што бил јавно најавен со краен датум 12 декември 2025 година е пробиен без образложение, официјално известување или видливи процесни дејствија.

Видете и ова: Државниот врв и родителите на загинатите од „Пулс“ очи во очи во Собранието

Родителите и семејствата на жртвите оценуваат дека недостигот од навремена реакција и транспарентност ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток на институционална толеранција кон можни незаконски дејствија од страна на службени лица.

Тие побараа јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот и мерките што се преземени или ќе се преземат кон осомничените полициски службеници.

Блажева порача дека трпението на семејствата не е неограничено и дека, доколку не добијат итен и јасен одговор, ќе ги искористат сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес.

Денешниот протестен марш, 33-ти по ред, се одвиваше по веќе утврдената маршрута низ градот и заврши во „Паркот на Револуцијата“.