Зеленски ги посети трупите додека Украина тврди дека освоила територија близу Купјанск

Володомир Зеленски, претседател на Украина/Фотоархива

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во петокот изјави дека ги посетил трупите кои ги одбиваат руските напредувања кај опколениот град Купјанск, за кој Москва минатиот месец тврдеше дека повторно го зазела, но Киев негира – објави АФП.

Украина претходно соопшти дека нејзината армија повторно зазела две населени места во северниот дел на Харковскиот регион и ги потиснала руските трупи назад во Купјанск, стратешки важен град.

„Многу Руси зборуваа за Купјанск. Бев тука, им честитав на момците. Благодарам на секоја единица, на секого што се бори тука, на секого што го уништува окупаторот,“ рече Зеленски, носејќи панцирен елек, во видео објавено на Телеграм.

Тој не ја откри точната локација, но АФП го геолоцираше Зеленски на патот на влезот во југозападниот дел на градот.

Видете и ова: Зеленски вели дека Донбас e сè уште пречка и покрај притисокот за мировен договор

Во петокот, Баталјонот Картиа соопшти дека украинската армија повторно зазела две населени места северно од градот.

„Киндрашивка, Радкивка и нивните предели се ослободени, како и бројни соседства во северниот дел на Купјанск,“ напиша единицата на социјалните мрежи.

Руската армија на крајот на ноември тврдеше дека повторно го зазела градот Купјанск, кој првпат го зазеде во 2022 година, пред украинските сили да го повратат во есента истата година.

Русија во последните месеци се пофали со напредоци на боиштата, каде украинските сили се под притисок.

Киев повеќепати ги отфрли руските тврдења за големи успеси како обиди на Москва да ја промовира приказната дека Украина е пред неминовен колапс, со цел да влијае врз мировните преговори.

Видете и ова: Клучни поенти додека Белата куќа и Конгресот ги „туркаат“ плановите за надворешната политика

Вашингтон сега го притиска Киев да направи големи територијални отстапки како дел од планот да се стави крај на речиси четиригодишната војна.

„Русите многу поефикасно дејствуваат во информативниот простор од кој било наш партнер и шират информации што не ја одразуваат реалноста,“ им рече Зеленски на новинарите во четвртокот.

„Мора да побиваме очигледни бесмислици,“ додаде тој.

Русија нема побарано формално анексирање на Харковскиот регион, каде што се наоѓа Купјанск, и според Зеленски, најновата верзија на нацрт-планот на САД за завршување на војната може да предвиди Русија да се повлече од овие области, а Украина да се повлече од Доњецкиот регион.