Украина и безбедноста на нашиот континент и Повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија за 2028-2034 година, ќе бидат двете приоритетни прашања во фокусот на дискусиите на Самитот на ЕУ на 18 и 19 декември, наведува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во поканата до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за нивно учество на состанокот во Брисел.
Како што јавува МИА, Кошта наведува дека со оглед на напредокот што некои земји кандидати за членство во ЕУ го постигнаа на нивниот пристапен пат, дел од нив „можеби ќе ги исполнат потребните услови за да се приклучат кон Европската Унија во не толку далечна иднина“.
„Декемврискиот состанок на Европскиот совет ќе биде навремена можност да разговараме за идните чекори“, вели Кошта.
Тој потенцира дека декемврискиот Самит на ЕУ ќе започне со дискусија за Украина во услови кога „неодамнешните случувања“ ја истакнуваат потребата од итна акција од страна на Унијата.
„На октомврискиот Европски совет се обврзавме да ги покриеме итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори. На нашиот следен состанок треба да одлучиме, врз основа на тековната подготвителна работа, како да ја спроведеме таа обврска“, наведува Кошта.
Видете и ова: Кос: Нема скратени патишта за пристапување во ЕУТој додава дека во исто време во тек се и „дипломатските напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“, па во тој контекст лидерите ќе разговараат како „најдобро да продолжат да ги бранат интересите на Европа“ и како да биде зајакната преговарачката позиција на Украина.
„Важен дел од таа равенка треба да биде зголемениот притисок врз Русија“, додава Кошта, најавувајќи дека на почетокот на дебатата за Украина лидерите ќе имаат можност да се слушнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претседателот на Европскиот совет во поканата нагласува и дека покрај за Украина, лидерите да се фокусираат на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година.
Според него, важно е да се почитува оваа временска рамка, бидејќи на тој начин ќе ѝ се овозможи на Унијата да ги има новите програми за финансирање уште од почетокот на 2028 година, а во исто време ќе се покаже дека „во свет обележан со непредвидливост, Европската Унија е во состојба да одлучува навремено и разумно при дефинирањето на буџетските основи за своето дејствување“.
Тој наведува дека на Самитот ќе биде направен и преглед на спроведувањето на претходните одлуки за европската одбрана и безбедност, насочени кон „решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година“.
„Неодамнешните настани покажуваат дека Русија и Белорусија ја интензивираа својата хибридна кампања во Европа. Ова нè потсетува дека треба да ги забрзаме напорите во сите насоки кон нашата одбранбена подготвеност“, пишува Кошта во поканата.
Согласно вообичаената вообичаена практика, на состанокот ќе биде разгледан и напредокот во спроведувањето на заклучоци од претходните самити поврзани со миграцијата, при што Европската комисија ќе поднесе извештај за актуелните случувања во оваа област.