Имаме разлики околу Донбас, вели Зеленски пред разговорите со европските сојузници

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, украинскиот претседател Володимир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон на средба во Лондон, 8 декември.

Разговорите предводени од САД за потенцијален договор за крај на војната на Русија со Украина сè уште не резултираа со договор за контрола на територијата во источниот украински регион познат како Донбас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за Блумберг њуз пред состаноците што денеска, 8 декември, ги има со европските лидери во Лондон и Брисел.

„Постојат визии на САД, Русија и Украина – и ние немаме унифициран став за Донбас“, изјави Зеленски во телефонско интервју за Блумберг.

Тој посочи дека тоа е едно од неколкуте „чувствителни прашања“, вклучувајќи ги и безбедносните гаранции за Украина, кои бараат понатамошна дискусија.

Неговите разговори со европските лидери во Лондон и Брисел следуваат по тридневните преговори меѓу украинските и американските претставници во близина на Мајами, додека преговарачите се обидуваат да постигнат договор откако минатиот месец беше објавен американскиот нацрт-мировен предлог.

Видете и ова: По критиките од Трамп, Зеленски на разговор со европските сојузници во Лондон

Планот од 28 точки беше оценет како исклучително поволен за Русија, а Киев отфрли некои од построгите, тврдокорни барања на кои рускиот претседател Владимир Путин инсистираше дури и пред да ја започне својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Во моментов започнуваме нова дипломатска недела – ќе има консултации со европските лидери. Прво и основно, безбедносни прашања, поддршка за нашата отпорност и пакети за поддршка за нашата одбрана“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, снимено во воз на 7 декември.

Во Лондон, Зеленски треба да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, најголемите поддржувачи на Киев во Европа.

Потоа, во Брисел тој ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со високите претставници на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста, соопшти Алијансата.

„Важно е да се запомни дека овој конфликт е стар речиси четири години, дека Русија е агресор и затоа, ако има прекин на огнот, тој мора да биде фер, бидејќи Украина претрпе огромни, огромни загуби и плати многу висока цена за војна што не беше нејзин избор“, изјави Стармер за британски „Прес асосиејшн“ пред разговорите со Зеленски.

Тој додаде дека мирот „мора да биде траен, бидејќи знаеме дека Путин не ги почитува договорите зад кои нема силни безбедносни гаранции и дека на тоа ќе се фокусираме“.

Видете и ова: Зеленски се свртува кон Европа откако разговорите меѓу САД и Украина не донесоа јасен напредок

Во меѓувреме, разговарајќи со новинарите, американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше својот украински колега, велејќи дека е „малку разочаран“.

„Разговаравме со [рускиот] претседател [Владимир] Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски, и морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа“, изјави Трамп пред новинарите на 7 декември.

Главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров, изјави дека денеска (понеделник) ќе го информира Зеленски за последниот развој на настаните.

Една од главните цели на Киев во разговорите во Мајами беше да ги добие „сите нацрти на тековните предлози со цел детално да ги разгледа со украинскиот претседател“, напиша Умеров на социјалната мрежа Икс.

„Денес ќе му обезбедиме на украинскиот претседател целосни информации за сите аспекти на дијалогот со американската страна и сите документи“, наведе тој.

Деталите за предлогот по промените во планот од 28 точки не се објавени, а Трамп не кажа ништо за содржината.

Американските и украинските претставници во последните денови посочија дека клучните точки се спорната контрола на територијата – особено во Донбас – и безбедносните гаранции за Украина.

Зеленски за Блумберг изјави дека Киев инсистира на посебен договор за безбедносни гаранции од западните сојузници, првенствено од САД.

„Постои едно прашање на кое јас, и сите Украинци, сакаме да добиеме одговор: Ако Русија повторно започне војна, што ќе прават нашите партнери“, рече тој.

Украинскиот политички аналитичар Володимир Фесенко рече дека иако „не знаеме точно што предлагаат САД“, главна пречка за договор би можела да биде клаузулата во планот од 28 точки што ја обврзува Украина да ги повлече своите сили од територијата што сè уште ја контролира во регионот Донецк.

„Мнозинството Украинци, и покрај сите тековни тешкотии, веројатно нема да ја прифатат идејата Украина доброволно да го напушти Донбас без да добие ништо за возврат, дури ни реални гаранции за прекин на огнот“, изјави за „Курент тајм“ Фесенко, кој е раководител на Центарот за политички студии Пента, во Киев.

Видете и ова: Ежови во магла: Нов „вонземски“ оклоп забележан во Украина

Во бескомпромисна изјава минатата недела, Путин рече дека Русија ќе ја преземе контролата врз Донбас „со воени или други средства“, сугерирајќи дека Москва нема да се согласи на договор што ќе остави кој било дел од регионот во украински раце.

Тој го кажа истото и за делот од Украина некогаш познат во Русија како „Новорусија“, сугерирајќи дека Москва би можела да бара целосна контрола врз регионите Запорожје и Херсон. Украина сè уште држи под контрола големи делови од двата јужни региони, вклучувајќи ги и нивните главни градови.

По преговорите во Мајами, Зеленски рече дека разговарал со американските преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

„Американските претставници се свесни за основните позиции на Украина, а разговорот беше конструктивен, иако не беше лесен“, рече Зеленски.

Во меѓувреме, Русија ги продолжи своите воздушни напади врз клучната украинска инфраструктура додека зимските температури продолжуваат да паѓаат.

Според регионалните власти, руските сили ја нападнале Ахтирка во Сумиската област ноќта на 8 декември.

Гувернерот Олег Григоров изјави дека седум лица се повредени во напад врз деветкатна станбена зграда и сите се префрлени во болница.

Според соопштението на Службата за итни случаи на Украина, пожарникарите изгаснале пожар кој бил од вториот до петтиот кат и евакуирале 35 жители, спасувајќи седум лица, меѓу кои и едно дете, од погодените станови.

Во Чернигов, пак, е оштетена станбена зграда како резултат на пад на руски дрон. Три лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано, објави Службата за итни случаи на мрежата Телеграм на 8 декември.

Видете и ова: Може ли Европа да ја притисне Кина да помогне да се заврши војната во Украина?

Пред планираните посети на Зеленски на Лондон, Брисел и Рим, на кои тој ќе разговара за мировниот процес, италијанската премиерка Џорџија Мелони разговараше телефонски со него.

Според соопштението од нејзиниот кабинет, таа ја потврди солидарноста на Рим со Киев и вети дека ќе обезбеди итна помош за поддршка на енергетската инфраструктура на Украина и нејзиното население.

Од нејзиниот кабинетот додадоа дека Италија ќе достави дополнителни резерви, вклучително и генератори, за поддршка на енергетската инфраструктура и на украинското население, и оти целта останува траен и праведен мир.

Заем за репарација за Украина

Во меѓувреме, лидерите на неколку земји-членки на ЕУ повикаа на брза акција за предлогот за користење на десетици милијарди долари од замрзнатиот руски имот за да се обезбедат заеми за репарација на Украина, која е во криза со финансиски средства.

„Поддршката на Украина во нејзината борба за слобода и независност не е само морална обврска – туку е и во наш сопствен интерес“, рекоа лидерите на Естонија, Финска, Ирска, Латвија, Литванија, Полска и Шведска во писмо до претседателите на Европскиот совет и Европската комисија, Антонио Коста и Урсула фон дер Лајен.

Видете и ова: Макрон: Единството меѓу Европа и САД е клучно во поддршката за Украина

„Времето е од суштинско значење“, напишаа тие, нагласувајќи дека постигнувањето договор за долго дискутираниот предлог на состанокот на Европскиот совет на 18 декември ќе ја стави „Украина во посилна позиција да се брани и во подобра позиција да преговара за праведен и траен мир“.