Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со своите клучни европски сојузници во Лондон на 8 декември, откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини дека не го прочитал најновиот мировен предлог.
„Во моментов започнуваме нова дипломатска недела – ќе има консултации со европските лидери. Прво и основно, безбедносни прашања, поддршка за нашата отпорност и пакети за поддршка за нашата одбрана“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, снимено во воз на 7 декември.
Во Лондон, Зеленски треба да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, најголемите поддржувачи на Киев во Европа.
Видете и ова: Зеленски се свртува кон Европа откако разговорите меѓу САД и Украина не донесоа јасен напредокВо меѓувреме, разговарајќи со новинарите, американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше својот украински колега, велејќи дека е „малку разочаран“.
„Разговаравме со [рускиот] претседател [Владимир] Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски, и морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа“, изјави Трамп пред новинарите на 7 декември.
Разговорите во Лондон следат по тридневните преговори меѓу украинските и американските претставници во близина на Мајами. Овие разговори завршија со позитивен тон, но не донесоа јасен напредок.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Киев да го прифати мировниот предлог за кој многу критичари велат дека во голема мерка е во корист на Русија.
По преговорите во Мајами, Зеленски рече дека разговарал со американските преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Американските претставници се свесни за основните позиции на Украина, а разговорот беше конструктивен, иако не беше лесен“, рече Зеленски.
Видете и ова: Ежови во магла: Нов „вонземски“ оклоп забележан во Украина„Очекувам детални информации за сè што беше кажано на американските претставници во Москва и за нијансите што Американците се подготвени да ги изменат во преговорите со нас и со Русите“, рече Зеленски, алудирајќи на украинските главни преговарачи Рустем Умеров и Андриј Хнатов, кои ја претставуваа Украина на преговорите во Мајами.
Во меѓувреме, Русија ги продолжи своите воздушни напади врз клучната украинска инфраструктура додека зимските температури продолжуваат да паѓаат.
Според регионалните власти, руските сили ја нападнале Ахтирка во Сумиската област ноќта на 8 декември.
Гувернерот Олег Григоров изјави дека седум лица се повредени во напад врз деветкатна станбена зграда и сите се префрлени во болница.
Според соопштението на Службата за итни случаи на Украина, пожарникарите изгаснале пожар кој бил од вториот до петтиот кат и евакуирале 35 жители, спасувајќи седум лица, меѓу кои и едно дете, од погодените станови.
Во Чернигов, пак, е оштетена станбена зграда како резултат на пад на руски дрон. Три лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано, објави Службата за итни случаи на мрежата Телеграм на 8 декември.
Пред планираните посети на Зеленски на Лондон, Брисел и Рим, на кои тој ќе разговара за мировниот процес, италијанската премиерка Џорџија Мелони разговараше телефонски со него.
Видете и ова: Може ли Европа да ја притисне Кина да помогне да се заврши војната во Украина?Според соопштението од нејзиниот кабинет, таа ја потврди солидарноста на Рим со Киев и вети дека ќе обезбеди итна помош за поддршка на енергетската инфраструктура на Украина и нејзиното население.
Од нејзиниот кабинетот додадоа дека Италија ќе достави дополнителни резерви, вклучително и генератори, за поддршка на енергетската инфраструктура и на украинското население, и оти целта останува траен и праведен мир.