Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Христијан Мицкоски реизбран за лидер на партијата

Христијан Мицкоски по неговиот реизбор на партискиот конгрес во Кавадарци

Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес што се одржа во Кавадарци и ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредните четири години што според статутот на партијата ќе биде негов последен мандат.

Како што соопшти Зоранчо Јованчев, претседател на Изборната комсија, од 817 присутни делегати, 804 гласале и дале поддршка за нов мандат на Мицкоски.

На конгресот во Кавадарци, Мицкоски беше и единствен кандидат за функцијата.

„Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата“, изјави Мицкоски во обраќањето по соопштување на резултатите.

„Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, рече тој.

На партискиот конгрес кој се одржа под мотото „Визија што гради држава - За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени и два политички документа Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

„Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. И јас ви ветувам – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас, ниту Владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде што целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните“, рече Мицкоски во обраќањето.

Од партискиот конгрес ги најави и процесите кои ќе се случуваат во идниот период во ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека во наредните шест месеци ќе има реформи и кадровски освежувања во сите структури на партијата - од Извршниот комитет се до општинските и месните комитети.

Видете и ова: Мицкоски најави големи промени и во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација што треба да се роди во наредниот четиригодишен мандат. Генерација која ќе изгради од желбата и поривот да се гради татковината, која ќе ја следи и гради стратегијата што ќе обезбеди стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ и силна иднина за нашата татковина Македонија.

За спорот со Бугарија

Старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по реизборот за лидер на партијата се осврна и на прашањето со Бугарија, велејќи дека има желба за фер решение, но оти во моментов нема соговорник од бугарска страна.

„Имаме желба да постигнеме фер решение, но за секој договор сакам да знам, за разлика од моите претходници во владата, што добива Македонија и граѓаните од сето тоа. Сакам да знам која е точната иднина која ќе ја обезбедиме за нашиот народ. Европската Унија се чини неподготвена да го фасцилитира овој процес, пред се, поради своите внатрешни проблеми. А, од друга страна, државава премногу даде на патот кон ЕУ која е и понатаму наша цел, но да бидеме реални дека ние мораме да посветиме внимание пред се на домашната задача, да обезбедиме иднина на сите граѓани“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Партиски промени, но со исти лидери

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, туку новите условувања кои, вели, ќе следат на патот на евроинтеграцијата на земјава. Решението кое би се постигнало, додаде Мицкоски, мора да осигура дека македонскиот идентитет е зачуван.

„Многумина ми велат, еден ден ќе дојде СДС и се ќе смени, ќе прифати и нов Устав и смена на идентитет и се живо, затоа дај да се бориме сега да направиме најдобро можно решение, како што впрочем правеше СДС во историјата, коцкајќи се со државата на сметка на тоа да добијат поддршка од надвор за да дојдат на власт. Затоа, сметам дека Македонија мора да направи решение кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи“ порача Мицкоски.

Честитки за ВМРО-ДПМНЕ од сестринските партии

На почетокот на Конгресот, се емитуваа и обраќања на лидери на неколку сестрински европски партии со пофалби за партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Унгарскиот премиер и лидер на партијата Фидес, Виктор Орбан им честиташе на партиските членови и на активистите за „неверојатните достигнувања на партијата во изминатите две години“.

„Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО-ДПМНЕ сега стана една од, или можеби, најуспешните политички сили во Европа“, кажа Орбан.

Честитки и желби за понатамошни успеси на партијата испрати и Андреј Пленковиќ, претседател на ХДЗ и премиер на Хрватска.

„Сакам да ви посакам успех во одржување на Конгресот по толку одлични изборни победи на парламентарните, претседателските и сега локалните избори. Повторно и да му дадам поддршка на мојот пријател Мицкоски. Се радувам на унапредување на соработката помеѓу ХДЗ и ВМРО-ДПМНЕ и меѓу Хрватска и Македонија. Голема поддршка на патот за кон ЕУ“, посочува Пленковиќ.

Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и вицепремиер и министер за надворешни на Италија во својот говор укажува дека Европската народна партија силно ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ е почитуван член на семејството на ЕНП, делиме исти вредности, посветеност на демократија, владеење на право, борба против корупција, слободен пазар“, рече Тајани.