Блаце и Елез Хан со еден граничен премин

Косовскиот премиер Албин Курти и македонскиот премиер Христијан Мицкоски на пуштањето во употреба на интегрираниот граничен премин Блаце- Елез Хан

Ставена е во функција заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура со која е воспоставен функционален систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.

Интегрираниот систем на една граница меѓу Македонија и Косово го пуштија во употреба македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти.

Според мремиерот Христијан Мицкоски, осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.

„На најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид, границата може и треба да биде наш заеднички мост, кој поврзува луѓе, идеи и можности, преку кој се зборува за доверба, соработка, економска соработка, развој на културата и туризмот“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Што треба да знаат граѓаните на Западен Балкан за новите правила за влез во ЕУ?

Тој порача дека денешниот чекор е повеќе од билатерана политика и е дел од поголема слика, како што рече, слика во која целиот Западен Балкан се движи во иста насока кон Европската Унија. Оваа заедничка гранича точка, додаде, не е само премин помеѓу двете држави, туку премин кон европските вредности на соработка, интеграција и на слободно движење.

Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проект од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово.

„Само во 2024 година над пет милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока“, наведе Курти.

Досега единствен граничен премин е воспоставен на границите со Србија и Албанија и тоа на граничните премини Табановце и Ќафасан. Со Албанија овој систем функционира од јули 2023 година, додека со Србија е во функција од 2019 година.