УСАГМ укина дел од сателитското емитување на Радио Слободна Европа на руски јазик

РСЕ има програма во 23 земји на 27 јазици и допира до публика од речиси 50 милиони луѓе.

Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ – USAGM) ги раскина договорите со два сателитски системи кои пренесуваат содржини на руски јазик произведени од Current Time, мрежа управувана од Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ова доаѓа во услови кога се води битка за затворање на работата на голем број радиодифузери финансирани од САД.

На 4 април, Current Time објави дека емитувањето преку сателитските системи Astra и Eutelsat, повеќе не се одвива, по потегот на американската владина агенција која ја надгледува работата на РСЕ и Гласот на Америка. Current Time сè уште се емитува на сателитскиот систем Hotbird.

УСАГМ не даде објаснување за својата одлука.

Видете и ова:

Пратеници го повикаа Трамп да ја повлече наредбата за намалување на финансирањето на РСЕ и други медиуми

Од Current Time, која беше означена како „непожелна организација“ од руското Министерство за правда, посочија дека публиката може да користи други дигитални средства за пристап до програмата, која продолжува да се произведува. Медиумот во моментов се фокусира на Русија, Украина, Централна Азија, Источна Европа и други региони.

Во обид да презентира независни и непристрасни вести и информации во 23 земји каде што емитува програма на 27 јазици, РСЕ допира до публика од речиси 50 милиони луѓе во држави како што се и Белорусија, Кина, Иран и Русија.

Потегот на УСАГМ да ги раскине договорите за сателитските системи доаѓа три недели по извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп со која се повика во седум агенции – вклучително и во УСАГМ, да се направи редуцирање до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.

Неколку часа по потпишувањето на извршната наредба, УСАГМ објави дека го прекинува финансирањето на РСЕ од Конгресот за буџетската 2025 година, која завршува на 30 септември.

РСЕ го смета потегот за незаконски и во моментов поради ова ја тужи УСАГМ.

Видете и ова:

Радио Слободна Европа поднесе тужба против Американската агенција за глобални медуми поради укинување на финансирањето

На 25 март, американскиот суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана за задржувањето на финансиите (TRO), пресудувајќи дека со тоа што го откажала грантот за РСЕ, УСАГМ постапила „произволно и каприциозно“. Следниот ден, УСАГМ испрати допис до РСЕ наведувајќи дека ја поништува објавата за прекин на финансирањето, но дека тоа „не го нарушува овластувањето на УСАГМ да го прекине грантот“.

РСЕ, кое беше принудено од 1 април да испрати голем дел од својот персонал на принуден одмор со намалена плата, сè уште чека официјална потврда од УСАГМ дека финансирањето на грантот ќе продолжи.

Застапниците на медиумските права го нарекоа потегот на Американската агенција за глобални медиуми „безобразен“ посочувајќи дека тоа е победа за авторитарните режими ширум светот.

Комитетот за заштита на новинарите на 1 април предупреди дека ова, исто така, изложува на ризик многу новинари кои работат за радиодифузерите како што е РСЕ.

„Новинарите поврзани со УСАГМ се соочуваат со сериозни закани, затворање и прогон во нивните земји поради известување за политички чувствителни теми“, се вели во писмото, кое го потпишаа ПЕН Америка, Репортери без граници и други. Во писмото се повикува американскиот Конгрес да преземе „итна акција“ за заштита на новинарите кои работеле за јавно финансираните медиуми.

„Нивната заштита е морална обврска и витален став за слободата на печатот и демократските вредности“, напишаа тие.

Видете и ова:

Американскиот суд и нареди на Агенцијата за глобални медуми да ги запре чекорите за затворање на РСЕ

УСАГМ е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на речиси 50 јазици за приближно 361 милион луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за УСАГМ за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари – за финансирање на сите операции и капитални инвестиции.

Ова ги вклучува медиумите како што се РСЕ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Кубанскиот радиодифузен сервис (Радио Марти), Радиодифузните мрежи на Блискиот Исток (MBN) и Фондот за отворена технологија.