Пратеници го повикаа Трамп да ја повлече наредбата за намалување на финансирањето на РСЕ и други медиуми

илустрација

Десетици американски пратеници на 25 март го повикаа претседателот на САД, Доналд Трамп да ја повлече својата извршна наредба за намалување на американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), тврдејќи дека потегот ќе има штетно влијание врз нејзините радиодифузери, вклучително и на Радио Слободна Европа(РСЕ) и ќе им биде корисна само на американските противници како Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.

Во писмото до Трамп потпишано од повеќе од 40 членови на Конгресот се наведува дека затворањето на УСАГМ, исто така, ќе му наштети на кредибилитетот на САД и глобалниот углед ширум светот.

„Подиректно, ова ќе остави милиони луѓе во затворени и рестриктивни средини, од Хавана и Каракас до Минск и Техеран, со помала можност за пристап до информации за светот околу нив“, се наведува во писмото.

„Силно ве повикуваме да ја разгледате оваа Извршна наредба и да обезбедите продолжување на работата на УСАГМ и нејзините мрежи за емитување“, се додава во писмото.

Видете и ова: Американскиот суд и нареди на Агенцијата за глобални медуми да ги запре чекорите за затворање на РСЕ

Пратеникот Бил Китинг рангиран член на Поткомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом за Европа, рече дека РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и другите медиуми што ги надгледува УСАГМ „служат како витални алатки за мека моќ“ кои им овозможуваат на луѓето во затворените општества пристап до информации и кредибилитет.

„Нивната работа е толку моќна што режимите во Иран, Русија и Кина ја осудија како закана за националната безбедност“, рече Китинг во соопштението за печатот, нарекувајќи ја извршната наредба на Трамп од 14 март „непромислена“ и рече дека „ги охрабрува американските противници на кои им се закануваат веродостојни медиуми“.

Во писмото се наведува дека мрежите на УСАГМ и корисниците на грантови заедно играат историска и клучна улога во обезбедувањето искрени, сеопфатни вести за земјите кои немаат слободна или отворена медиумска средина.

„Затворањето на РСЕ ќе им овозможи на владите во Русија, Белорусија, Иран и Централна Азија да ги шират своите пораки за режимска пропаганда без страв од одговорноста што ја носи известувањето на РСЕ“, се вели во писмото.

Писмото беше испратено истиот ден кога американски судија издаде наредба во корист на РСЕ во тужба против УСАГМ, барајќи да ја поништи одлуката за прекин на финансирањето на РСЕ, одобрена од Конгресот.

Образложувајќи ја својата одлука судијата Ројс Ламберт напиша дека агенцијата најверојатно постапила „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантот за РСЕ и дека дејствијата ќе предизвикаат „ненадоместлива штета“ на радиодифузерот доколку се спроведат. Ламберт рече дека е потребна привремена забрана за да се запре затворањето на РСЕ.