Наредена финансиска компензација за родители на децата убиени во училиштето „Владислав Рибникар“

Родителите на децата убиени во масовното пукање во училиштето „Владислав Рибникар“ пристигнуваат во судот, 30 јануари 2024 година

Вишиот суд во Белград донесе одлука на родителите на децата убиени во масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ да им биде исплатена отштета за нематеријална штета за душевната болка претрпена поради смртта на близок.

Судот на својата веб-страница наведе дека на тоа се должни малолетникот кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година и неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ, како и белградското основно училиште „Владислав Рибникар“.

Во образложението на пресудата, меѓу другото, се наведува дека малолетниот К.К. „одговорен за претрпената штета на тужителите, со оглед на тоа што во моментот на преземање на штетните дејствија бил способен да пресуди“.

Неговите родители се, според пресудата, одговорни „со оглед на тоа што во текот на постапката е утврдено дека штетата е предизвикана од лошото воспитување, лошите примери и порочните навики што му ги дале“.

Кога станува збор за постоењето на одговорност на училиштето „Владислав Рибникар“, судот констатира дека „во периодот пред настанот од 3 мај имало пропусти во постапувањето на вработените“.

Во пресудата се наведува дека пропустите „се состојат од непреземање на оние дејствија што ги бара стандардот на соодветна професионална грижа во конкретниот случај“.

Утврдено е и дека училиштето одговара по основа на одговорност на правното лице за штета настаната од неговиот орган.

Против оваа пресуда е дозволена жалба.

Видете и ова: Таткото на извршителот на масовното убиство во училиштето во Белград е осуден на 14,5 години затвор

Малолетниот К.К, кој тогаш имал тринаесет години, со пиштолот на неговиот татко застрелал девет ученици и еден обезбедувач и ранил уште пет ученици и еден наставник.

Таткото на момчето, Владимир Кечмановиќ, беше осуден на 14,5 години затвор на 30 декември 2024 година.

Мајката Миљана Кецмановиќ е осудена на три години затвор.

На една година и три месеци затвор е осуден и Немања Маринковиќ, инструктор на стрелиштето каде, според обвинението, Владимир Кечмановиќ го однел својот син на вежбање стрелање.