Доживотен затвор за обвинетиот за убиството кај Мавровка

Пресудата беше изречена денеска (13 март) во Основниот кривичен суд Скопје.

Доживотен затвор доби обвинетиот Елвин Куртовиќ за убиството на едно лице кај трговскиот центар Мавровка на 20 август минатата година.

Пресудата, која е првостепена, беше изречена денеска (13 март) во Основниот кривичен суд Скопје откако Куртовиќ претходно призна вина.

Жртва на ова убиство беше скопјанецот Васил Ефтимов, а случајот беше во фокусот на јавноста бидејќи обвинетиот од претходно имал кривично досие, а истиот ден по убиството пукаше и кон четворица полицајци.

Судијката Моника Бахчовановска, пред изрекување на пресудата, во судница читаше и психијатриско вештачење за обвинетиот, во кое се наведува дека тој е психички здрава личност со нормална интелигенција.

„Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајки, фалсификување …, а, имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјални норми и невозможно одржување на трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело бил во секој момент пресметлив и со уредно психичко здравје“, рече судијката Бахчовановска.

Видете и ова: Бегалец од затвор меѓу осомничените за убиството кај Мавровка

Покрај за убиството, со обвинението Куртовиќ се гонеше и за убиство во обид и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.

Според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, убиството на Ефтимов на 20 август 2024, обвинетиот го извршил од користољубие, со истрел од пиштол. Исто така, се заканил и на сопругата на жртвата и од неа ја одзел торбата која таа ја носела на рамо и гајба која била во возилото, а во којашто имало различен рачен алат.

Како што наведува и обвинителството, подоцна во текот на истиот ден кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот.