Мицкоски: Не се сретнав со Груевски во Будимпешта

Премерите на Северна Македонија и Унгарија, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан, 4 март 2025 година

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за време на престојот во Будимпешта, каде што се одржа меѓувладина седница, изјави дека не се сретнал со поранешниот премиер Никола Груевски, но додаде дека средби остварувале поранешни функционери на СДСМ и ДУИ.

Тој одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се сретнал со Груевски во Будимпешта, но и за придобивките кои ги има земјава од заедничката седница и посетата таму, рече дека таква средба немало, а доколку има јавноста ќе биде информирана, бидејќи како што рече, води транспарентна политика.

„Во Будимпешта не се сретнав во Никола Груевски, но доколку се сретнам ќе бидете информирани затоа што јас водам политика на принципот вистината е најточна. Верувајте, секогаш кога нешто ќе се случи јас тоа го кажувам и немам што да кријам, но исто така во име на таа вистина можам да потврдам, а многу скоро и со докази дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ и ДУИ, во Будимпешта се среќавале со Никола Груевски и притоа не дадоа искрен одговор“, нагласи Мицкоски за време на денешната посета на општина Илинден.

Видете и ова:

Зајакната соработка со Унгарија - утешна награда за бавната интеграција на Северна Македонија во ЕУ

Оценувајќи ја поволноста на средствата во висина од една милијарда евра што во земјава пристигна од Унгарија, Мицкоски рече дека „оваа Влада работи домаќински и одговорно“.

„Од Унгарија пристигна една милијарда евра и од таа една милијарда, 500 милиони евра се искористени за враќање на долг, обврзница земена во 2018 година. Денес кога ќе го видите статусот на долгот на државата, ќе видите дека тој е 58,2 проценти и за повеќе од 3 проценти е намален. Од останатите 500 милиони евра, 250 милиони евра се вложени во проекти низ цела територија на државата, а 250 милиони евра се во бизнисот, но за жал мора да кажам интересот до овој момент е за 380 милиони евра. Значи имало проекти, не дека немало проекти, туку можеби требало да има евтини пари за да тие проекти се реализираат, а тие проекти ќе донесат многу повеќе работни места“, изјави Мицкоски.

Премиерот потврди дека со средствата од унгарската линија, долгот на државата е намален за три проценти.

Унгарскиот премиер Орбан вчера најави и заедничка економска зона помеѓу Северна Македонија, Унгарија и Србија со, како што рече, огромен економски потенцијал.