Беспилотни летала удриле во две станбени згради во градот Котовск во областа Тамбов во западна Русија, при што биле повредени неколку лица, изјави рано на 11 јануари гувернерот на регионот.
Евгениј Первишов на Телеграм изјави дека неколку лица се здобиле со повреди од стаклени парчиња и дека се лекувани. Первишов рече дека зградите не се запалиле и претрпеле само мала штета.
Фотографиите и видео снимките од инцидентот, кои не се потврдени од РСЕ, беа објавени на интернет од локалните жители, кои велат дека немало сирена за воздушен напад пред да удрат беспилотните летала.
Руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле лансирани од Украина, но Генералштабот на украинската војска не пријави никакви напади со беспилотни летала врз руски региони.
Видете и ова: Нови дронови го зајакнуваат рускиот напредок во УкраинаТАСС додаде дека властите во другите делови на Русија и на Крим кој е окупиран од Русија, исто така, пријавиле напади со украински беспилотни летала ноќта меѓу 10 и 11 јануари, вклучително и во регионот Краснодарски крај, источно од Крим. Експлозии се слушнаа и во регионите Курск и Воронеж во Русија.
Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, изјави дека ноќта меѓу 10 и 11 јануари биле соборени повеќе од 15 дронови. Нема жртви или материјална штета, рече тој.
Очевидци исто така објавија дека виделе пожар во пристаништето Новоросијск на Црното Море, а мостот што го поврзува руското копно со Крим бил затворен повеќе од три часа.
Гувернерот Вјачеслав Гладков изјави дека се уништени неколку дронови во областа Курск. Нема жртви, но оштетени се три приватни куќи, напиша тој на Телеграм.
Гувернерите на другите региони кои беа под напад со беспилотни летала не коментираа за каква било штета или жртви. Руското Министерство за одбрана, исто така, сè уште не известило за соборување на беспилотни летала.