Силите на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) на 3 јануари ги предупредија граѓаните дека трупите на ЕУФОР ќе ги интензивираат своите движења во текот на следната недела.
„Станува збор за продолжување на вообичаените и рутински операции“, по период на намалени активности на крајот на декември, изјавија од Воената мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина.
„ЕУФОР останува посветена на безбедноста и стабилноста за благосостојбата на сите граѓани на Босна и Херцеговина и продолжува да ги поддржува нашите партнери во БиХ“, соопштија од оваа меѓународна воена мисија.
Последен пат беше најавено зголеменото движење на војниците на ЕУФОР во средината на август минатата година, пред почетокот на едномесечната, годишна вежба „Брз одговор“.
Повеќе од илјада војници од Европската унија, Швајцарија, Турција и Чиле веќе две децении го чуваат мирот и безбедноста во БиХ.
Видете и ова: Зголемено ниво на подготвеност во БиХ поради заканата од „терористички напади“ЕУФОР, исто така, има мандат да употреби сила, во случај 16-те домашни полициски агенции и околу 8.000 домашни војници да не можат да одржат стабилна средина.
Можноста за распоредување на дополнителни 3.500 војници беше овозможена со договорот „Берлин плус“ потпишан со Северноатлантската алијанса (НАТО).
Воената мисија „ЕУФОР – Алтеа“ во БиХ е формирана на 1 декември 2004 година, со цел да го преземе мандатот од мисијата на НАТО, кој беше на сила од крајот на војната. Мандатот на мисијата се одобрува секоја година од Обединетите нации (ОН).
На 1 ноември минатата година, Советот за безбедност на ОН едногласно го продолжи мандатот на воените сили на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа) до ноември 2025 година.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и симултаните сецесионистички чекори преземени од проруските власти во Република Српска, ЕУФОР го удвои бројот на војници на повеќе од 1.500, вклучувајќи хеликоптери и оклопни единици.