Германскиот канцелар Олаф Шолц како „многу загрижувачки“ ги опиша последните извештаи и предупредувања од украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија може за неколку дена да испрати во битка севернокорејски војници.
„Тоа не може да се потцени. Тоа, се разбира, е нешто што дополнително ја ескалира ситуацијата, изјави Шолц за време на неговото патување во Индија, јавува германската новинска агенција ДПА.
Според Шолц овој потег покажува дека рускиот претседател Владимир Путин е во тешка состојба.
„Тоа е исто така причина да продолжиме да се стремиме кон праведен мир и да обезбедиме цврста, сигурна поддршка за Украина, изјави германскиот канцелар.
Зеленски претходно изјави дека очекува Русија да почне со распоредување севернокорејски војници од недела или понеделник. Тој, исто така, повика на „опиплив“ меѓународен притисок врз двете земји за да ги натераат да го почитуваат законодавството на ОН.
Видете и ова:
Зеленски: Русија ќе испрати севернокорејски трупи во битка за неколку дена
Украинската воена разузнавачка служба на 24 октомври соопшти дека открила присуство на севернокорејски војници распоредени во руската област Курск, каде што првите единици пристигнале на 23 октомври. Украинските сили извршија голем упад во август во Курск, руски регион што се граничи со Украина, и држаа територија таму. Киев тврди дека оваа територија се користи како тампон зона против руските напади врз Украина.
Според разузнавачките податоци, Зеленски на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер на 25 октомври, напиша дека „првите севернокорејски војници се очекува да бидат распоредени од Русија во борбени зони уште од 27 до 28 октомври“.
Тој го нарече потегот „јасна ескалација од страна на Русија“.
Американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин, исто така, на 23 октомври рече дека испраќањето трупи во Русија од страна на Северна Кореја се „следниот чекор“ откако Пјонгјанг и обезбеди оружје на Москва.
Но, Пјонгјанг, ги негираше обвинувањата. Запрашан за тоа дали има севернокорејски војници во Русија, рускиот претседател Владимир Путин ниту го потврди ниту го демантираше тврдењето.