ЕУ најавува нови санкции кон Иран по трансферот на проектили во Русија

илустрација

Европската Унија остро го осудува неодамнешното пренесување на балистички ракети од Иран во Русија, што претставува директна закана за европската безбедност и суштинска материјална ескалација во снабдувањето на Москва со ирански беспилотни летала и муниција, кои таа ги користи во својата илегална агресивна војна против Украина, изјави денеска високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел.

„Тоа се случува во време на најновите напади на Русија врз Украина, вклучително и со балистички ракети и беспилотни летала, кои ја докажуваат нејзината јасна решеност да продолжи со својата брутална агресивна војна против Украина и нејзиниот народ, особено насочена кон критичната енергетска инфраструктура, обидувајќи се да предизвика што е можно повеќе загуби на цивилни животи и нанесување штети од големи размери. Иранските балистички ракети сега би можеле да се користат за да предизвикаат дополнителни страдања и уништувања во Украина“, наведува Борел во писмената изјава упатена во име на ЕУ.

Фат-360: Иранскиот проектил наводно во руски раце

Борел потенцира дека позицијата на Европската Унија за вмешаноста на Иран во руската војна била отсекогаш јасна и таа во неколку наврати остро го предупреди Техеран поради трансферите на балистички ракети во Русија.

„Европската Унија ќе одговори брзо и во координација со меѓународните партнери, вклучително и со нови и зајакнати рестриктивни мерки против Иран, вклучително и со санкционирање на поединци и субјекти вклучени во програмите на иранските балистички ракети и беспилотни летала. Во тој поглед, исто така, се размислува и за рестриктивни мерки кон иранскиот воздухопловен сектор“, додава Борел во изјавата.