Украинскиот парламент ја одобри номинацијата на Андриј Сибиха за нов министер за надворешни работи на земјата.
Тој доаѓа на местото на Дмитро Кулеба, како дел од големата реконструкција на Владата.
„Прво назначување: Андриј Сибиха за министер за надворешни работи на Украина“, објави пратеникот Јарослав Железњак на 5 септември посочувајќи дека тој добил 258 гласа за од вкупно 450 пратеници во парламентот.
Сибиха, досега беше заменик-министер за надворешни работи, а за министер беше номиниран од страна на претседателот Володимир Зеленски.
Видете и ова: Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба поднесе оставкаПратениците, исто така, го одобрија назначувањето на Олексеј Кулеба, кој беше заменик-шеф на претседателскиот кабинет, за вицепремиер одговорен за реставрација и регионални политики.
Дмитро Кулеба и неколку други членови на украинската влада поднесоа оставки претходно оваа недела, откако Зеленски посочи дека претстои владина реконструкција.
Украинскиот претседател вчера (4 септември) рече дека е потребна нова енергија и ваквите чекори се однесуваат на зајакнување на земјава во различни области.
Од почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година, Кулеба важеше за едно од клучните лица во напорите на Киев да добие меѓународна поддршка.
Видете и ова: Путин тврди дека упадот на Украина во Русија не влијаел на воените целиНашироко се сметаше за ефективен гласник во предупредувањата што ги испраќаше Украина дека запирањето на руската агресија е од суштинско значење за остатокот од Европа и Западот. Беше гласен и во барањата за испорака на оружја од членките на НАТО.
За оставката на Кулеба јавноста ја информираше претседателот на парламентот, Руслан Стефанчук во текот на вчерашниот ден, откако еден ден претходно соопшти дека оставки дале и двајца вицепремиери и тројца министри.