Лидерот на израелската опозиција повика на штрајк по смртта на шестмината заложници

Протест пред канцелариите на израелскиот премиер во Ерусалим, 1 септември 2024 г.

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид повика на генерален штрајк за да се изврши притисок врз Владата да постигне договор за ослободување на преостанатите заложници во Појасот Газа.

Ова следува откако израелската армија денеска (1 септември) објави дека тела на шест заложници се извлечени од Појасот Газа, додавајќи дека тие биле убиени непосредно пред израелските сили да стигнат до нив.

Сите шест лица, како што наведе војската, беа киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.

Лапид, кој е поранешен премиер, го повика секој Израелец „чие срце е скршено утрово“ да се приклучи на големиот протест во Тел Авив подоцна во недела, 1 септември. Тој го повика и главниот израелски синдикат, компаниите и општините на протест.

Видете и ова:

Тела на шест заложници пронајдени во Рафа во Појасот Газа

И Форумот на семејства на заложници повика на масовни протести во недела, барајќи „тотална блокада на земјата“ додека не се постигне прекин на огнот и не се ослободат заложниците.

„Договорот за враќање на заложниците е на маса повеќе од два месеци. Да немаше одлагање, саботажа и оправдување, веројатно ќе беа живи оние за чија смрт дознавме утрово. Време е да ги вратиме нашите заложници дома“, се вели во нивното соопштение.

Градските власти на Тел Авив соопштија дека ќе учествуваат во полудневен штрајк во понеделник во знак на солидарност со заложниците и нивните семејства.

Штрајкот ќе го координираат уште неколку општини низ Израел.

Моќниот синдикат Хистадрут, кој претставува стотици илјади работници во јавниот сектор, соопшти дека ќе се приклучи на штрајкот во понеделник, објави Ројтерс.

Меѓу телата на шестмината заложници беше и телото на 23-годишниот Американец со израелско потекло, Херш Голдберг-Полин, кој стана симбол ан борбата за ослободување на заложниците, откако неговите родители вршеа притисок врз светските лидери да го ослободат него и останатите заробеници.

Семејствата на заложниците и дел од пошироката јавност го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зошто не ги вратил живи во договор за ставање крај на 10-месечната војна со Хамас, кој е прогласен за терористичка организација до САД и ЕУ.

Мировните преговори на Израел со Хамас се одложуваат веќе со месеци.

Видете и ова:

Убиени тројца израелски полицајци на Западниот Брег

Крај на конфликтот и ослободување на заложниците е главното барање и на повеќемесечните протести што се одржуваат низ Израел.

Во неделата, откако армијата ги пронајде телата на шестмина заложници во градот Рафа во Газа, Нетанјаху вети дека ќе ја „порамни сметката“ со Хамас, пренесе АФП.

„Оние кои ги убиваат заложниците не сакаат договор за примирје“, рече Нетанјаху, порачувајќи им на лидерите на Хамас дека „ќе ги лови, ќе ги фати“ и „ќе се пресмета“ со нив.

Висок функционер на Хамас рече дека неколку од шесте израелски заложници пронајдени мртви во тунелот Рафа биле на списокот за ослободување во случај на договор за прекин на огнот.

„Некои од имињата беа на списокот на заложници за ослободување одобрен од Хамас“ во предложената размена за палестинските затвореници кои се држат во Израел, изјави функционерот за АФП кој сакал да остане анонимен, бидејќи не е овластен јавно да зборува за ова прашање.

Израелскиот министер за одбрана се залага за прекин на огнот

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во неделата го повика премиерот Нетанјаху да склучи договор за прекин на огнот со Хамас за да им се дозволи на преостанатите заложници да се вратат дома од Појасот Газа.

„Доцна е за киднапираните кои беа ладнокрвно убиени. Киднапираните кои сè уште се во заробеништво на Хамас мора да бидат вратени дома“, порача Галант на мрежата Икс.

Тој нагласи дека политичко-безбедносниот кабинет мора веднаш да се состане за да ја смени претходната одлука од 29 август за задржување на војниците во таканаречениот Филаделфиски коридор, долж јужниот раб на Појасот Газа.

Инсистирањето на Нетанјаху да ги задржи војниците во коридорот за да го спречи Хамас да шверцува оружје од Египет нашироко се сметаше за една од главните пречки за договорот со Хамас во разговорите со посредство на Египет и Катар, пишува Ројтерс.

За потсетување, милитантите на Хамас зедоа заложници на музички фестивал во јужен Израел за време на нападот на 7 октомври, поради што Израел започна војна во Појасот Газа.

Видете и ова:

Израел и Хамас договорија примирје заради вакцинација против детска парализа во Газа

За младиот Американец со израелско потекло, Херш Голдберг-Полин, роден во Беркли, Калифорнија, како што е познато изгуби дел од левата рака од граната во напад на Хамас на 7 октомври. Во видео објавено од Хамас во април годинава се виде дека му недостасува левата рака додека тој јасно зборуваше под принуда, што предизвика нови протести во Израел. Демонстрантите тогаш ја повикаа владата на Нетанјаху да направи повеќе за ослободување на заложниците.

Останатите заложници кои беа пронајдени мртви се идентификувани како Ори Данино (25), Еден Јерушалми (24), Алмог Саруши (27) и Александар Лобанов (33). Сите биле киднапирани на музички фестивал. Шестиот заложник, 40-годишниот Кармел Гат, беше киднапиран од блискиот кибуц односно земјоделската заедница Бери.

Израелската војска соопшти дека телата на заложниците биле пронајдени во тунел во градот Рафа на југот на Газа, на околу еден километар од местото каде минатата недела жив беше спасен уште еден заложник, 52-годишниот Каид Фархан Алкади.

„Според прелиминарните информации, тие биле брутално убиени од терористите на Хамас непосредно пред да стигнеме до нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.

Израел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас. Повеќе од 2,3 милиони Палестинци, пак, се раселени како резултат на воените операции на израелската армија и живеат во услови на хуманитарна катастрофа.