Папата се надева на примирје во војните за време на Олимпијадата во Париз

Папата Франциск (фотоархива)

Откако веќе повика на примирје во светските конфликти, папата Франциск денеска (21 јули) изрази надеж дека Олимписките игри во Париз ќе бидат повод тоа и да се случи. Тој ги повика и спортистите да бидат гласни со своите пораки за мир и да служат како пример за младите луѓе.

Олимпијадата ќе започне на 26 јули со церемонија за свечено отворање која ќе се одржи на реката Сена, а на која ќе учествуваат околу 10.500 спортисти и над 100 шефови на држави и влади.

За време на неговото неделно обраќање пред толпата верници на плоштадот Свети Петар, поглаварот на Римокатоличката црква рече дека се надева оти „според древната традиција, Олимпијадата ќе биде можност да се воспостави примирје во војните, преку демонстрација на искрена желба за мир“.

Видете и ова:

Зошто Олимпијадата во Франција е голем безбедносен предизвик?

Тој ги спомена конфликтите во Украина, Газа, Мјанмар и други земји, порачувајќи „да не заборавиме дека војната е пораз“.

Во минатомесечната последна заедничка изјава од состанокот на лидерите на Групата седум (Г7) одржан во Италија, имаше едногласен повик за примирје во глобалните конфликти за време на Олимписките игри.

Олимпијадата, која треба да започне на 26 јули, ќе трае до 11 август. Игрите ќе се одржат на 35 локации низ Париз, регионот Ил-де Франс, континентална Франција и прекуокеанските територии.

Главниот град на Франција за време на Игрите ќе го обезбедуваат околу 45 000 полицајци и припадници на безбедносните сили. Ќе имаат и дополнителна помош од неколку илјади странски безбедносни службеници.