Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 19 јули изјави дека е убиен напаѓачот што уби полицаец еден ден претходно во Лозница во западна Србија.
„Припадници на полицијата го ликвидираа во околината на Лозница убиецот на полицаецот“, рече Дачиќ.
Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека интензивно трага по Фатон Хајризи, кој е осомничен за напад на полицајци. Српското МВР ја објави фотографијата на Хајризи и ги повика граѓаните на соработка.
Видете и ова: Во српска Лозница се трага по напаѓач кој уби еден, а рани уште еден полицаецПрестрелката се случила во раните утрински часови кога полицајците при рутинска контрола го запреле возилото во кое се наоѓал осомничениот. Излегувајќи од автомобилот со пиштол ги застрелал полицајците, а потоа побегнал. Властите го означија нападот како терористички.
„Обвинителството за организиран криминал случајот ќе го смета за терористички чин бидејќи се работи за напад врз функционери“, изјави министерот за полиција Дачиќ на 18 јули.
Полицијата соопшти дека на лице место е пронајден пасош издаден во Косово на име Артан Хајризи (1991) и германска лична карта.
Министерот Ивица Дачиќ изјави дека се проверува дали лицето чии документи се пронајдени е братот на Артан Хајризи, Фатон Хајризи, кој избега од затвор во Косово.
На 18 јули Артан Хајризи за медиумите изјави дека е во Германија и дека неговиот брат Фатон му го украл пасошот.
На 18 јули во Бјелина, Босна и Херцеговина, беше уапсено лице кое превезувало осомничено лице од Прешево на југот на Србија во Лозница, каде пукал во полицајци.