Владата на Словенија предлага признавање на палестинска држава

Палестинското знаме

Владата на Словенија на 30 мај донесе одлука да му предложи на Народното собрание на земјата признавање на Палестина како независна и суверена држава.

За ова пратениците треба да одлучат на вонредна седница во вторник следната недела, јавува N1 Словенија.

Премиерот на Словенија Роберт Голоб изјави дека Владата на двете страни, имено на палестинската држава и на Израел, им порачува дека сака итен прекин на непријателствата и итно ослободување на заложниците.

„Пораката за признавање не е насочена против никого, тоа е порака за мир“, рече Голоб на прес-конференцијата.

Во образложението на одлуката, Владата наведе дека Словенија како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации постојано укажува на неодржливоста на актуелната ситуација поради нерешеното палестинско прашање и опасноста од сериозна ескалација во регионот.

Видете и ова: По признавањето на Палестина, Шпанија тврди дека одлуката да не го признае Косово останува иста

„Словенија ќе продолжи да се залага за постигнување мир и безбедност во поширокиот регион, што е нејзин стратешки интерес, и за заживување на блискоисточниот мировен процес“, соопшти словенечката Влада.

Се наведува дека признавањето ќе го зголеми меѓународниот притисок врз Израел и Хамас да се вратат на разговорите за траен прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Ова би го запрело убивањето на цивили, би овозможило доставување хуманитарна помош и дискусија за неопходните чекори по завршувањето на конфликтот“, може да се прочита во образложението на предлогот за одлуката за признавање на Палестина.

Со ова признание, Владата на Словенија, како што наведе, сака да испрати одлучувачки политички сигнал дека е неопходно што поскоро да се стави крај на несразмерниот израелски воен напад врз Газа, кој досега предизвика материјално уништување и неконтролирана хуманитарна криза.

„За таа цел се испраќа порака дека Израел има право на безбедност, што вклучува недозволивост на терористички напади против Израел, вклучувајќи го и одвратниот чин на земање заложници“, соопшти владата.

Словенија ја започна постапката на 9 мај и најави дека предлогот ќе го испрати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни.

Околу 140 земји веќе ја признаа палестинската држава, што е повеќе од две третини од земјите-членки на ОН.

Во вторник, 28 мај, истото го направија Шпанија, Ирска и Норвешка.