Израел и нареди на Шпанија да ги прекине конзуларните услуги за Палестинците

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац на седницата на Советот за безбедност на ОН, 11 март 2024 година

Израел денеска (27 мај) соопшти дека му наредил на шпанскиот конзулат во Ерусалим да престане да нуди конзуларни услуги за Палестинците од 1 јуни како „казнена“ мерка поради признавањето на палестинската држава од страна на Мадрид.

Израелското Министерство за надворешни работи објави дека шпанскиот конзулат во Ерусалим „е овластен да дава конзуларни услуги само за жителите на конзуларната област Ерусалим и не е овластен да дава услуги или да врши конзуларни активности за жителите на палестинската управа“.

Директивата стапува во сила од 1 јуни, се вели во соопштението на министерството.

Министерот за надворешни работи, Израел Кац, во посебна изјава рече дека „применил прелиминарни казнени мерки против шпанскиот конзулат во Ерусалим откако шпанската влада ја признала палестинската држава“.

„Нема да толерираме загрозување на суверенитетот и безбедноста на Израел“, рече Кац.

Тој додаде дека „нема да биде во контакт со Палестинците“, кои, како што рече, го наградуваат Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација и „се обидуваат да основаат палестинска терористичка држава“.

Шпанија е една од европските земји која најмногу го критикуваше Израел за војната во Појасот Газа. Минатата недела, Шпанија, Ирска и Норвешка ја објавија својата одлука да ја признаат државата Палестина од вторник, 28 мај, што наиде на остри реакции од Израел.

Видете и ова:

Норвешка, Шпанија и Ирска ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес во неделата ја оправда одлуката на неговата влада да ја признае палестинската држава. Тој во Брисел рече дека признавањето е „правда за палестинскиот народ (и) најдобра гаранција за безбедност за Израел“.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во неделата го прими и палестинскиот премиер Мохамед Мустафа на разговори за зајакнување на палестинската управа на палестинскиот претседател Махмуд Абас за преземање на Појасот Газа од Хамас.

Потребна е „силна“ палестинска управа за да се постигне мир на Блискиот Исток, изјави Борел непосредно пред да замине на средбата со Мустафа.

Шпанија, исто така, во саботата побара Израел да ја исполни наредбата на Врховниот суд на ОН веднаш да прекине со бомбардирањето и копнениот напад врз градот Рафа во Газа.

Во случајот покренат од Јужна Африка во кој се тврди дека израелскиот напад врз Појасот Газа е „геноцид“, Меѓународниот суд на правдата во петокот му нареди на Израел „веднаш да ја прекине“ својата копнена и воздушна офанзива во Рафа.