Макрон: Потребни се повеќе преговори за изборните реформи во Нова Каледонија

Францускиот претседател Емануел Макрон во посета на Нова Каледонија

Може да бидат потребни „неколку дена“ за Нова Каледонија да се смири по најновите политички тензии, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот (23-ти мај) за време на посетата на островот погоден од немири во Пацификот.

Макрон го посети островот во јужниот дел на Пацификот, кој и припаѓа на Франција како територија со посебен статус, по неколкудневните немири во кои загинаа шест луѓе а беа повредени стотици други. При немирите изгореа многу јавни автобуси, продавници и јавни згради.

Немирите избија поради спорната реформа на изборните закони на територијата, а Макрон посочи дека плановите за реформата се одложени, и дека се потребни „повеќе преговори“.

Меѓу другото, Макрон изјави дека треба да се одржи референдум како дел од политичкиот процес за иднината на островот.

Видете и ова: Макрон патува во Нова Каледонија по немирите кои ја зафатија областа

Контроверзната изборна реформа ќе им овозможи на уште илјадници Французи кои живеат на островот 10 години да гласаат, што според Париз е потребно за унапредување на демократијата на островот, каде што околу една четвртина од околу 270.000 жители се идентификуваат како Европејци.

Сепак, водачите на домородниот народ Канак кои ја формираат најголемата заедница во Нова Каледонија, околу 40 отсто од населението, не сакаат реформата да се спроведе, бидејќи стравуваат дека тоа ќе ја ослаби нивната политичка моќ и ќе направи каков било иден референдум за потешка независноста на островот.

Немирите на островот оддалечен околу 1.200 километри од Австралија почнаа на 13 мај, а досега се уапсени повеќе од 280 „бунтовници“.

За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа да останат дел од Франција.