ЕУ го одобри планот за користење на замрзнатите средства на Русија за Украина

Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година

Европската унија даде официјално одобрение за користење на приходите од замрзнатите средства на руската централна банка за зајакнување на одбраната на Украина, објави Европскиот совет на 21 мај, што би можело да достигне 3 милијарди евра пренасочени за војската на Киев, оваа година.

Веста доаѓа кога Украина продолжува да ги повикува своите западни сојузници да ја зголемат и забрзаат воената помош за нејзините војници, кои се борат да ја спречат офанзивата на исток од многу побројните и подобро вооружени руски сили.

Одлуката беше објавена во Брисел од белгиската влада, која во моментов претседава со 27-члениот блок.

„Европскиот совет го потврди својот договор да користи неочекувани профити од имобилизираните средства на Русија за поддршка на воената самоодбрана и реконструкција на Украина во контекст на руската агресија“, се вели на мрежата X.

Околу 210 милијарди евра (225 милијарди долари) од средствата на руската централна банка беа замрзнати од страна на ЕУ по неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година - износ што се проценува дека ќе генерира камата од околу 3 милијарди евра (3,23 милијарди долари) годишно.

Видете и ова: Украинските сили се борат за Вовочанск, САД ветуваат нова испорака на оружје


Околу 90 отсто од приходите ќе бидат ставени во Европскиот мировен фонд што го користат повеќето членки на ЕУ за да добијат надомест за воената опрема испорачана во Украина.

Одделно, Ројтерс објави, цитирајќи неименуван извор, дека Германија најголемата економија во блокот планира да ја зголеми својата воена помош за Украина за уште 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) оваа година, потврдувајќи го извештајот на германскиот весник Билд.

На крајот на минатиот месец, Германија и достави на Украина нов пакет воена помош, вклучувајќи оружје и муниција.

Во меѓувреме, регионалните власти известија дека четири лица се ранети и дека е оштетен објект на транспортна инфраструктура во серија напади со беспилотни летала врз североисточниот украински град Харков рано на 21 мај, објавија регионалните власти.

Претходно на 21 мај беше прогласена општа тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.