Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази забрани комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето истакнато на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.
„Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање“, се вели во известувањето потпишано од Иљази.
Од Министерството за здравство велат дека секоја здравствена установа која врши дејност од јавен интерес е должна да функционира организирано во согласност со правилата кои се уредени со актите кои се уредуваат прописите од областа на здравствената заштита.
Најновата одлука на Иљази ја осуди Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и го нарече обид за цензура.
Видете и ова:
Дворски игри меѓу „таборите“ на Токсикологија„Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, велат од ЗНМ.
Иљази во изјава за дел од медиумите вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат следните денови најавуваат нов инспекциски надзор на Клиниката.
Минатиот месец беше извршен надзор по што беше издадено решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа им се забрани пристап на Клиниката.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Демири: Изборите завршија, да се вратиме во реалноста
Клиниката функционира само со организацискиот директор откако на 14 мај, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката, Данил Петровски поради „неправилности во работата“, но дека тој ќе продолжи да работи на Клиниката.
Превирањата на Клиниката започнаа минатиот месец откога вработени на Клиниката реагираа дека организациската директорка Иљази инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело. Вработените се пожалија и дека не можат да комуницираат со Иљази бидејќи таа не го говори македонскиот јазик.