Србија и Романија ќе ја градат хидроелектраната Ѓердап 3

Хидроцентралата Ѓердап 1, Србија.

Изградбата на хидроцентралата „Ѓердап 3“ Владата на Србија ја прогласи за проект од посебно значење, соопшти Министерството за рударство и енергетика на Србија.

Министерството во соопштението од 20 мај наведува дека тој стратешки објект на реката Дунав се работи во координација со Романија и дека е еден од најголемите во регионот.

Се додава дека во Србија и Романија се формирани тимови за изградба на хидроцентралата, како и дека се завршени генералниот проект и претходната физибилити студија.

За ова денеска во Белград разговараа министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и амбасадорката на Романија во Србија Силвија Давидоја.

Најавено е дека ревитализацијата на хидроелектраната „Ѓердап 2“ треба да започне во 2025 година, откако ќе заврши реновирањето на хидроцентралата „Ѓердап 1“ и дека ќе се продолжи нивниот работен век за најмалку 30 години.

Видете и ова:

Нов тендер за Чебрен или државата ќе го гради?

Ѓердап 1 беше пуштена во употреба во мај 1972 година, додека Ѓердап 2 е во функција од 1985 година.

Според веб-страницата на Електропривреда Србија, Ѓердап 3 се планира да биде реверзибилна хидроцентрала на 1007-от километар од Дунав. Водата ќе се зафаќа од езерото Ѓердап и ќе се пумпа во двата горни басени во периоди кога српскиот електроенергетски систем има вишок на електрична енергија. Во деновите на максимално оптоварување, таа би работела како електрана за складирање.

Планирано е сите три електрани во системот Ѓердап да имаат вкупна моќност од 2.400 мегавати.

Двете постоечки хидроцентрали се со моќност од 1.605 мегавати. Тие учествуваат со 20 отсто од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјава.

Најавено е и дека Србија и Романија договориле меморандум за разбирање за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји и дека наскоро се очекува негово потпишување.