Северна Македонија е на 36. место во годишниот Индекс за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници во кој се опфатени 180 земји. Во однос на лани, државата бележи скок од две места, но се нотира и длабока политичка поларизација.
Во споредба со земјите од регионот, пак, Северна Македонија е најдобро рангирана. По неа следуваат Црна Гора (40), Словенија (42) и Хрватска (48). Косово е на 75. место, Босна и Херцеговина на 81, Србија на 98 и Албанија на 99.
Сепак, Репортери без граници ја нотираат високата недовербата во медиумите.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, нотира меѓународната организација.
Видете и ова: Човечката цена на уништувањето на независните медиуми во БелорусијаИсто така, се истакнува и дека „владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
Политичка поларизација и паралелни системи
Кога е во прашање политичката клима, се забележува дека целокупното опкружување е поволно за слободата на медиумите, но од друга страна и дека критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.
Од Репортери без граници предупредуваат дека поради силната политичка поларизација, медиумите може да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените.
„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создаваат паралелни медиумски системи кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, нотира меѓународната организација.
Во извештајот оттаму искажуваат загриженост и за тоа што со закон повторно се овозможи националните и локалните власти да се рекламираат во приватните медиуми што може да доведе до влијание во медиумите.
Видете и ова: Стејт департмент: Сериозна владина корупција и ограничена слобода на изразување во Северна МакедонијаМора да се направи разлика меѓу професионалните портали и плагијаторите
Во согледување на медиумскиот пејзаж во Северна Македонија од Репортери без граници нотираат и дека иако телевизијата е доминантен избор на информации, важна улога играат и онлајн медиумите.
„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и портали со поединци кои прават плагијат и копираат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето на медиумите и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба“, пишува во извештајот.
Кога е во прашање економската ситуација во медиумите, се нотира дека редакциите на некои од главните телевизиски куќи се изложени на економски притисоци од сопствениците.
Државното финансирање, како што се посочува е ограничено и нетранспарентно, а „независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите“.
Видете и ова: Пад на слободата на интернетот во светот 13-та година по редСепак, во извештајот се нагласува дека странските грантови за проекти што ги добиваат медиумите придонесуваат само за опстанок, а не и за понатамошен развој.
Се нотира и влијание во некои медиуми од страна на маркетинг агенциите.
Вербални напади
Кога е во прашање безбедноста на новинарите, пак, Репортери без граници посочуваат дека тие често се мета на вербални напади.
„Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки“, пишува во извештајот.
Сепак, се додава, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на медиумите и да ги штитат новинарите и во тој контекст од меѓународната организација потенцираат дека во Скопје бил назначен и специјален обвинител кој ќе ги води случаите со напади врз медиумските работници.
Видете и ова: Во 2023 година речиси 100 новинари биле убиени, а 400 затворениНа Индексот за слободата на медиумите за 2024 година што денеска (3 мај) по повод Светскиот ден на слободата на печатот го објавија Репортери без граници, најдоброрангирана е Норвешка, а по неа следуваат Данска, Шведска, Холандија и Финска.
На последните пет места, пак, се Еритреја, Сирија, Авганистан, Северна Кореја и Иран.