Британски трупи ќе добијат задача да доставуваат помош во Газа, пишува Би-Би-Си

Палестинците дистрибуираат помош среде тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас, во засолништето во Деир Ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, 7 април 2024 година.

Британските трупи најверојатно ќе добијат задача да доставуваат помош во Газа преку морско пристаниште што сега се гради од страна на САД, објави Би-Би-Си во саботата, 27 април, пренесува АП.

Според пишувањата на Би-Би-Си, британската влада размислува да распореди војници кои ќе ги возат камионите што ќе носат помош од пристаништето до брегот.

Сепак, Би-Би-Си објави и дека конечна одлука по ова прашање не е донесена и предлогот се уште не е пристигнат до британскиот премиер Риши Сунак.

Овие информации доаѓаат откако висок американски воен функционер во четвртокот рече дека нема да има американски „чизми на теренот“ и дека друга нација ќе обезбеди персонал за возење на камионите за испорака на помош до брегот.

Инаку, токму Велика Британија е таа која што веќе обезбедува логистичка поддршка за изградбата на пристаништето, вклучително и брод на Кралската морнарица во кој ќе бидат сместени стотици војници и морнари кои работат на проектот.

Покрај тоа, британските воени планери се дел од Централната команда на САД во Флорида и во Кипар, каде што помошта ќе биде проверена пред да се испорача во Газа.

Видете и ова: ЕУ одвои 68 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Палестинците

Хидрографската канцеларија на Обединетото Кралство исто така сподели своја анализа за тоа како можат да помогнат во изградбата на пристаништето.

„Многу е важно да воспоставиме повеќе правци за испраќање витална хуманитарна помош до жителите на Газа. Обединетото Кралство и нашите меѓународни сојузници продолжуваат да ја преземаат водечката улога во обезбедувањето помош за Газа“, се вели во изјавата на министерот за одбрана Грант Шапс.

Изградбата на пристаништето во Газа за полесен пристап до хуманитарна помош, доаѓа во време кога Израел се соочува со меѓународни критики за бавна испорака на помош на палестинската територија, за која Велика Британија тврди дека најмалку една четвртина од населението се наоѓа на работ на глад.

Војната меѓу Израел и Хамас, организација означена како терористичка и од ЕУ и од САД, започна со нападот на Хамас во Јужен Израел на 7 октомври минатата година кога милитантите убија 1.200 луѓе, главно цивили, а притоа и зедоа 250 лица како заложници.