Нови 27 случаи со голема кашлица, хоспитализирани уште четири лица

Голема кашлица (Илустрација)

Во текот на периодот од 19 до 25 април регистрирани се нови 27 случаи со голема кашлица во Северна Македонија, што пак претставува намалување на бројот на случаи за 41,3 проценти споредбено со претходниот период од седум дена, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од ИЈЗ додаваат и дека од 27-те нови случаи, четири лица се хоспитализирани поради инфкеција со голема кашлица.

Најголем дел од новиоте случаи се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три лица, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

„Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраста“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Видете и ова: Уште 44 случаи на голема кашлица, вкупно 443 заболени

Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата. Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

Од вкупниот број на заболени на ниво на цела држава, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во клиниката за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 веќе се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.