Силјановска Давкова: Во вториот круг очекувам поддршка од сите, особено од опозицијата

Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)

Денешниот резултат е неверојатно инспиративен за мене, рече Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето откако заврши гласањето на денешните избори за претседател на Северна Македонија, откако првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија(ДИК) се дека таа има значителна предност пред второрангираниот кандидат Стево Пендаровски од СДСМ.

„Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста - не мислам дека сум посебна во многу работи, само знам дека тоа што ќе го ветам, ќе го остварам, на мој начин, во тоа ве уверувам“, рече Силјановска Давкова во обраќањето во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече дека е горда на граѓаните, на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на нивните коалициски партнери, а посебно е горда на жените.

Видете и ова: ДИК: Гордана Силјановска Давкова води пред Стево Пендаровски

Силјановска Давкова рече дека во вториот круг очекува поддршка од сите, „особено од оние во опозицијата, така ми покажува логиката“.

„Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира очекувам таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено на граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија“, рече таа.

Силјановска Давкова најави дека ќе соработува со партијата што ја предложи, но и со со опозицијата, со невладините организации, со медиумите...

„Ве уверувам дека ќе се обидам секој ден да докажам дека сум таму не заради својата политичка кариера, туку заради Македонија“, рече таа.

Видете и ова: Тапани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, воздржаност кај СДСМ

Од обработени податоци 81,64% отсто избирачки места, според првичните неофицијални податоци на ДИК, Гордана Силјановска Давкова има освоено 287. 192 гласови. Нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски има освоено 140. 272 гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.