Израел се подготвува да ги евакуира цивилите од Рафа пред пред да го почне нападот што го вети

Раселени Палестинци ја проверуваат локацијата по израелски напад врз шаторскиот камп во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, на 22 април 2024 година.

Израел набави десетици илјади шатори за палестинските цивили кои во следните недели планира да ги евакуира од Рафа, пред ветениот напад врз градот што го гледа како последен бастион на Хамас во Појасот Газа, соопштија денеска израелски извори.

На египетската граница, населението на Рафа се зголеми за дополнителни над еден милион Палестинци кои избегаа од шестмесечната израелска офанзива во другите делови на Појасот Газа.

Нивната судбина ги загрижува западните сили, но и Египет, кој ја отфрли можноста за какво било прифаќање на бегалците на Синај.

По неколкунеделни преговори со САД за мерките за заштита на цивилите, израелското Министерство за одбрана купи 40.000 шатори, секој со капацитет од 10 до 12 лица, за Палестинците да бидат преселени од Рафа, соопштија израелски владини извори.

Видео кое кружи на интернет покажува квадратни бели шатори кои се подигнати во Кан Јунис - град кој се наоѓа на пет километри од Рафа.

Видете и ова: ОН бараат истрага за масовните гробници откриени во две болници во Газа

Ројтерс не можеше да го потврди ова, но доби снимки од сателитската компанија „Maxar“ на кои се прикажани повеќе шатори во Кан Јунис, каде што немаше ништо на 7 април.

Израелското Министерство за одбрана одби да даде каков било коментар.

Владини извори рекоа дека воениот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху планира да се состане во следните две недели за да ја одобри евакуацијата на цивили, што се очекува да потрае околу еден месец и се претпоставува дека тоа е првата фаза од чистењето во Рафа.

Кабинетот на Нетанјаху не даде веднаш коментар.

Иако таа не наведе детали за конкретни борбени планови, израелската армија се почесто испраќа сигнали дека е подготвена да тргне во Рафа.

„Хамас е силно погоден во северниот сектор. Силно е погоден и во центарот на Појасот Газа, а наскоро ќе биде тешко погоден и во Рафа, изјави во вторникот бригадниот генерал Ицик Коен - командант на 162-та дивизија која дејствува во Појасот Газа.

„Хамас треба да знае дека кога ИДФ (Израелските одбранбени сили) ќе влезат во Рафа, најдобро би било да ги кренат рацете за да се предадат. Рафа нема да биде како Рафа денес... Таму повеќе нема да има муниција. И таму нема да има заложници“, вели Коен.

Видете и ова: Амнести Интернешнал: Глобалните човекови права соочени со најсериозни закани

Во средата армијата објави дека мобилизирала две резервни бригади за мисии во Појасот Газа.

Израел тврди дека Рафа е дом на четири недопрени борбени баталјони на Хамас - организација означена како терористичка од Соединетите Држави и Европската унија, која е засилена со илјадници борци од исламистички екстремистчки групи кои се повлекуваат.

Победата во војната во Појасот Газа започната по убиствата и киднапирањата од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година, е невозможна без заземањето на Рафа, поразот на Хамас и враќањето на сите заложници, тврди Израел.

Хамас не коментира за своите распоредувања.

Во говорот во вторникот по повод 200-тиот ден од војната, портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Убаид, рече дека Израел постигнал само „понижување и пораз“ во кампањата која, според медицинските претставници на Хамас во Газа, убиени се повеќе од 34.000 Палестинци.

На 7 октомври Хамас уби 1.200 луѓе и киднапираше 253, според израелските податоци. Од тие заложници, 129 останаа во Појасот Газа, велат израелските власти. Повеќе од 260 израелски војници се убиени во копнени борби од 20 октомври, соопшти армијата.