Амнести Интернешнал: Глобалните човекови права соочени со најсериозни закани

илустрација

Човековите права ширум светот се соочуваат со најсериозните закани во последните неколку децении, соопшти Амнести интернешнал (АИ) во својот годишен извештај објавен денеска (24 април).

Организацијата ги истакна конфликтите во Газа и Украина, како и ширењето на авторитарните влади, кои му штетат на меѓународниот поредок со кршење на меѓународното право и игнорирање на основните права.

„Флагрантното непочитување на меѓународното право од страна на Израел се надополнува со неуспехот на неговите сојузници да го запрат невиденото крвопролевање во кое страдаат цивили во Газа, изјави генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар.

„Покрај руската агресија против Украина, зголемениот број на вооружени конфликти и масовните прекршувања на човековите права, забележани, на пример, во Судан, Етиопија и Мјанмар, глобалниот поредок заснован на правила е во опасност да биде десеткуван“, додаде таа.

И демократиите не ги избегнаа критиките на АИ, а Каламар кажа дека „тоа што го видовме во 2023 година потврдува дека многу моќни држави ги напуштаат основните вредности на хуманоста и универзалноста содржани во Универзалната декларација за човекови права“.

Меѓу другото, во извештајот се критикува американското користење на ветото за да се парализира Советот за безбедност на ОН со месеци за резолуцијата за прекин на огнот во Газа.

Видете и ова: Стејт департмент: Сериозна владина корупција и ограничена слобода на изразување во Северна Македонија

Извештајот „исто така ги истакнува гротескните двојни стандарди на европските земји како Обединетото Кралство и Германија, со оглед на нивните основани протести против воените злосторства на Русија и Хамас, а истовремено ги поддржуваат дејствијата на израелските и американските власти во овој конфликт“, се наведува во соопштението на Амнести.

Војната во Украина беше уште еден клучен фактор што придонесе за падот на глобалното досие за човекови права.

Амнести ги наведува неселективните напади на руските сили „на населени области и цивилна инфраструктура за извоз на енергија и жито“.

„И руските и украинските сили користеа касетна муниција и покрај нејзината неселективна природа и постојаните ризици за цивилите“, се вели во извештајот.

Извештајот на Амнести интернешнел прикажува мрачна слика за алармантна репресија на човековите права и кршење на меѓународните правила, сето тоа во услови на продлабочување на глобалната нееднаквост, суперсили кои се борат за превласт и ескалација на климатската криза, истакна Каламар.