ССМ го најави првомајскиот протест - минимална плата од најмалку 450 евра

Слободан Трендафилов, Претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Традиционално и годинава на 1 мај Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе организира протест за одбрана на работничките права, а како што најави денеска, 23 април, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, на овој протест тие ќе побараат враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти, како и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра уште во првите 100 дена по формирањето на новата влада.

Најавувајќи го првомајскиот протест, Трендафилов објасни дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките кои во изминатиот период „докажале дека се грижат за себе, но не и за работниците“.

„Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од се’. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања. Денеска како никогаш досега имате работници во „Македонски шуми“ кои немаат примено плата три месеци, имате работници во „Водостопанство“ кои ја немаат примено последната плата. Вработените во културата преку протести се изборија за исплата на платата со зголемувањето на минималната плата и еден куп други работници кои се борат за нивната егзистенција според податоците на УЈП каде што јасно се кажува дека повеќе од 20 илјади работници примаат плата пониска од минималната“, рече Трендафилов.

Видете и ова: Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласови

Трендафилов објасни дека македонските работници константно стануваат посиромашни, нагласувајќи дека ова е вистински момент да го кренат гласот и да се појават на првомајските протести.

„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако тоа не е доволна причина да излезат и да кажат дека се премали платите, а преголеми се трошоците, треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 илјади денари новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја преминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“, потенцираше Трендафилов.

Првомајскиот протест ќе започне во 11 часот пред просториите на работничкиот дом, по што работниците ќе одат и пред Собранието, Стопанската комора, а протестот ќе заврши пред Влада.