Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Јуриј Коховац на суд во Москва, 30 август 2023 г.

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет години принудна работа бидејќи во анкета на Радио Слободна Европа (РСЕ) од јули 2022 година ја осуди руската инвазија врз Украина.

Откако ја осуди војната во Украина и рече дека руските власти се одговорни за неа, Коховац беше прогласен за виновен за ширење лажни информации за руските вооружени сили.

Исто така, судот му забрани да биде администратор на веб-страници во наредните четири години.

Претходно на рочиштето, обвинителството бараше Коховац да биде осуден на пет и пол години затворска колонија.

Видете и ова: Во Русија блокирана веб-страницата на Репортери без граници

Казната за „принудна работа“ во Русија значи дека осудените наместо да отслужуваат затворска казна, можат да останат дома и да бидат испратени на работа во индустриски погон што ќе го одреди Федералната затворска служба.

Исто така, за време на издржувањето на казната, државна одзема одредена сума од месечната плата на осудениот.

Во јули 2022 година, новинар на РСЕ ги праша минувачите на улиците на Москва за нивниот став кон војната во Украина.

Меѓу оние кои се согласија да одговорат беше и Коховац, кој рече дека војната ја започнала руската влада и оти мора да ја прекине.

Покрај тоа, тој рече дека руските сили без никаква причина убиле цивили во киевското предградие Буча. Москва ги отфрла обвинувањата дека извршила воени злосторства во Украина.

Коховац потоа – во март 2023, беше приведен, а подоцна беше ослободен со забрана да ја напушта руската престолнина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Американската новинарка, затворена во Русија, вели дека ќе излезе на слобода како невина

Коховац пред судот рече дека своето мислење го кажал во разговор со новинарите, користејќи го уставното право на слобода на говор.

Руските власти ја нарекуваат лага секоја информација за војната во Украина која се разликува од верзијата на руското Министерство за одбрана.

Делото за лажни вести за војската беше додадено во Кривичниот законик веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина.

Казната за ова кривично дело може да биде до десет години затвор или до пет милиони рубљи (околу пет илјади евра).