Загина еден припадник на Народните мобилизирачки сили на Ирак, а осум други се повредени во експлозија во воената база Калсо, 50 километри јужно од Багдад, според военото соопштение во саботата на 20 април.
Армијата исто така потврди дека во моментот на експлозијата немало борбени авиони или беспилотни летала во воздушниот простор во провинцијата Бабил, пренесува Ројтерс.
Претходно, АФП повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, пренесе дека неколку лица се повредени во бомбашки напад што се случи во текот на ноќта врз воена база во Ирак, каде што е стационирана проиранската вооружена група позната како „Хашед ал Шаби“.
Во соопштението мобилизирачките сили наведуваат дека „експлозијата“ предизвикала „материјални загуби“ и жртви, но не го прецизираат бројот на повредени.
Видете и ова: Г7 го предупредува Иран на нови санкцииГрупата потврди дека нивната база е погодена и дека истражителите се на лице место.
Како одговор на прашањата на АФП, безбедносните службеници не кажале кој е одговорен и дали станува збор за напад со беспилотно летало.
„Експлозијата погоди опрема, оружје и возила“, изјави извор од безбедносните служби.
Никој не ја презеде одговорноста веднаш по нападот.
Набргу по експлозијата, американската војска соопшти дека тие не стојат зад нападите во Ирак.
„САД не извршија воздушни напади во Ирак денеска“, соопшти американската централна команда (CENTCOM) на мрежата X, додавајќи дека наводите дека тие го извршиле нападот се „неточни“.
Ирачки воен претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето, рече дека експлозијата се случила во „магацини за опрема“.
Тој додаде дека пожарот се уште трае, како и потрагата по повредени.
Видете и ова: Израел наводно извршил одмазднички напад врз ИранИзраелската армија на прашањата на АФП одговори дека „не ги коментира информациите објавени во странските медиуми“.
„Хашед ал-Шаби“ е сојуз на главно шиитски вооружени групи, основан за да се бори против т.н. Исламска држава и е интегриран во редовните безбедносни сили на Ирак.
Експлозијата во ирачката воена база доаѓа откако регионалните тензии се зголемуваат поради војната меѓу Израел и милитантите на Хамас - група која САД и ЕУ ја означија како терористичка и која е поддржана од Иран.
Во петокот, во нападите за кои е обвинет Израел, беше погодена воена база во Исфахан, во централен Иран.
Висок претставник на американскиот конгрес за АФП изјави дека имало израелски одмазднички напади, но одби да образложи, велејќи дека тие информации се доверливи.
Израелските власти јавно не го коментираа нападот во петокот, а иранските власти го минимизираа неговото значење.