Блинкен - Кина го поттикнува конфликтот во Украина помагајќи ѝ на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција по состанокот на Г7 во Капри, 19 април 2024 година.

Државниот секретар на СAД Ентони Блинкен на 19 април изјави дека Кина индиректно го поттикнува конфликтот во Украина со снабдување на Русија со делови за нејзината воена индустрија.

На италијанскиот остров Капри, по состанокот на шефовите на дипломатиите на Групата седум најразвиени индустриски земји (G7), Блинкен рече дека Кина е „главниот снабдувач“ на руската воена индустрија, што „ѝ овозможува Русија да продолжи со својата агресија против Украина“.

„Ако Кина сака пријателски односи со Европа, не може да ја снабдува другата страна која е најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“, рече Блинкен.

Видете и ова: Г7 го предупредува Иран на нови санкции

Министрите за надворешни работи на Г7 (САД, Јапонија, Канада, Франција, Германија, Велика Британија и Италија) ја изразија својата „длабока загриженост“ за испораката на кинеска опрема во Русија, која ѝ помага на руската „воена машина во Украина“. пишува во завршната изјава од средбата.

„Ова ѝ овозможува на Русија да ја зајакне и да ја снабдува својата воена индустрија, што е закана за Украина и за меѓународниот мир и безбедност“, се додава во изјавата.

Тие ја повикаа Кина да го прекине снабдувањето на Русија бидејќи, како што рекоа, Пекинг ја продолжува војната во Украина и го зголемува ризикот во кој се наоѓаат соседите на Русија.

САД се надеваат дека притисокот од европските земји ќе го наведе Пекинг да ја намали поддршката за Русија.

Видете и ова: Шолц предупредува на понатамошна ескалација на Блискиот Исток

Кина и Русија ја зголемија економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година.

Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина, па дури и се обиде да ја игра улогата на посредник, таа беше критикувана затоа што одбива да ја осуди офанзивата на Москва.