Хрватскиот Уставен суд одлучи дека Милановиќ не може да биде мандатар, реакции на опозицијата

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ гласа на изборите на 17 април 2024 година.

Уставниот суд на Хрватска донесе одлука на 19 април дека претседателот Зоран Милановиќ не може да биде мандатар за состав на новата влада.

Дел од опозициските партии остро ја критикуваа одлуката. Тие сметаат дека судот застанал на страната на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Претседателот на Социјалдемократската партија (СДП) Пеѓа Грбин, чиј кандидат за премиер е Милановиќ, изјави дека одлуката на Уставниот суд е срамота.

„Им порачувам веднаш да свикаат нова седница и да донесат одлука каква што сакаа, дека премиер единствено може да биде Пленковиќ. (Андреј Пленковиќе е актуелен премиер на Хрватска од ХДЗ)“, рече Грбин на вонредната прес-конференција на СДП.

Грбин пред Уставниот суд рече дека „тоа нема да им помине“ и цитираше дел од Уставот во кој пишува дека власта доаѓа од народот.

Грбин ги повика опозициските партии да го запрат ХДЗ и нивното заземање на институциите.

„Ова е целосна паника и страв на еден мал диктатор кој сфатил дека го изгубил тлото под нозете“, рече претседателот на СДП и најави продолжување на преговорите за формирање парламентарно мнозинство.

Видете и ова: Пецник: Изборите во Хрватска ќе бидат најнеизвесните досега

Тој додаде дека не сака јавно да зборува за содржината на разговорот додека не се постигне договор.

Коалициониот партнер на СДП, Маријана Пуљак од партијата Центар, на Фејсбук порача дека владее „голема паника“ во редовите на ХДЗ и дека сега го користат Уставниот суд за „да си ја спасат кожата“.

Функционерката на зелено-левичарската партија „Можемо“, Сандра Бенчиќ оцени дека одлуката на Уставниот суд е „невиден и недозволив напад врз политичкиот процес за создавање мнозинство“, објави телевизијата Н1.

„Невозможно е да не се помисли дека ова соопштение доаѓа директно од паниката во редовите на ХДЗ дека ја губат власта“, рече Бенчиќ.

Се огласи и министерот за правда Иван Маленица од ХДЗ.

Тој рече дека Милановиќ во кампањата го прекршил Уставот и дека Уставниот суд изрекол ново предупредување.

„Милановиќ и неговите колеги беа поразени на избори, тоа се гледа по бројот на мандати и не сакаат да го прифатат поразот или фактот дека ќе биде тешко да се формира мнозинство“, одговори Маленица на обвинувањата на опозицијата дека Уставниот суд застанал на страната на ХДЗ, според Н1.

Видете и ова: ХДЗ со убедливо водство на парламентарните избори во Хрватска

Што беше наведено во одлуката на Уставниот суд?

Уставниот суд на Хрватска на 19 април одлучи дека Милановиќ не може да биде мандатар за состав на новата влада или премиер.

Тие констатираа дека Милановиќ во таква позиција се ставил со своите изјави и однесување, односно со учеството во предизборната кампања за парламентарните избори одржани во средата, без да поднесе оставка на претседателската функција, на што Уставниот суд и претходно го предупреди.

Преговори за парламентарно мнозинство најави премиерот Андреј Пленковиќ од ХДЗ, партија која на изборите во средата освои 61 мандат. СДП како второпласирана освои 42 мандати.

Милановиќ поради претходното предупредување официјално не учествуваше во изборната кампања на СДП, односно не беше кандидат за пратеник на листата на СДП.

Во кампањата, пак, тој остро ја критикуваше ХДЗ и ги повика граѓаните да гласаат за која било друга партија, освен за ХДЗ, која ја обвини за корупција.

Неколку пати кажа и дека е кандидат на СДП за премиер.

СДП и Милановиќ уште од почетокот изјавија дека ниту еден правен акт не го спречува претседателот да се кандидира на избори.