Најмалку 17 загинати во рускиот напад на Чернихив, соопштија властите

Последици од руски ракетен напад во Чернихив

Најмалку 17 лица загинаа, а неколку се повредени во руски воздушен напад врз украинскиот град Чернихив, соопштија властите.

Неколку експлозии го потресоа Чернихив во средата, непосредно по активирањето на сирените за воздушен напад низ Украина, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека таков напад не може да се спречи бидејќи Украина нема „доволна“ противвоздушна одбрана поради намалените резерви од сојузниците, особено од САД, каде политичарите се во ќорсокак поради пакетот воена помош вреден околу 62 милијарди долари.

Воздушниот напад на руските сили дојде откако беше прогласена воздушна тревога во 8:50 часот по локално време, рече Чаус.
Градоначалникот на Чернихив, Олександр Ломако, рече дека нападите ја погодиле цивилната и социјалната инфраструктура во градот, кој се наоѓа на околу 145 километри северно од Киев.

Градот беше погоден неколку пати откако руските тенкови влегоа во Украина од блиската белоруска територија во февруари 2022 година.

„За жал, бројот на загинати може да се зголеми. Ова немаше да се случи ако Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот терор“, рече Зеленски во објавата на Телеграм.

Видете и ова: По иницијатива на Чешка 20 земји ќе купат 500.000 гранати за Украина

Русија драматично ги засили воздушните напади против Украина, чии сили немаат доволно системи за воздушна одбрана и муниција, додека очајно потребната американска помош е заглавена во Претставничкиот дом поради републиканското противење.

Украинските власти упатија очајнички молби до Вашингтон и другите сојузници да ги засилат воените резерви и помош, велејќи дека воздушната одбрана на Украина е од клучно значење за заштита на нејзините соседи.

Соочен со растечкиот недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција додека помошта од Запад се смирува, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала длабоко во руската територија, таргетирајќи ги и воените инсталации и критичните постројки за рафинирање на нафта.

Серија експлозии одекнаа рано во средата во зоната на воениот аеродром во градот Жанкој на северот на украинскиот полуостров Крим, окупиран од Русија.