Училиштата на северот на Косово го отфрлија барањето за да бидат избирачки места

Илустрација

Директорите на 33 образовни институции на северот на Косово одбија да се откажат од своите простории за да се одржи гласање за или против смена на албанските градоначалници во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, изјави на 17 април шефот на Секретаријатот на Централната изборна комисија, Бурим Ахметај.

Гласањето за смена на градоначалниците во овие четири општини со српско мнозинство на северот на Косово ќе се одржи на 21 април, врз основа на Административното упатство на Владата на Косово.

Албанските градоначалници во моментов се на власт во тие општини бидејќи Србите ги бојкотираа изборите во април 2023 година.

Бурим Ахметај рече дека само 10 образовни институции во сите четири општини на северот на Косово се согласиле гласањето да се одржи во нивните простории.

Тој рече дека Секретаријатот на Централната изборна комисија „интензивно работи“ на изнаоѓање нови алтернативни локации кои ќе служат како избирачки центри на денот на гласањето на 21 април.

Видете и ова: Српската листа најави бојкот на гласањето за смена на градоначалници во Косово


„Законот ги обврзува овие општини и директорите на училиштата да ги стават овие јавни објекти достапни за гласање“, нагласи тој.

Инаку, последните локални избори во април 2023 година се одржаа во контејнери бидејќи директорите на образовните институции во општините на север ниту тогаш не дале дозвола да се отворат избирачки места во нивните објекти, што беше пракса досега.

Образовните институции во српските заедници во Косово работат во српскиот систем.

За да биде успешно гласањето за замена на албанските градоначалници на северот на Косово, потребни се 50 отсто плус еден од вкупниот број запишани гласачи.

Според упатството на Владата на Косово, доколку ова гласање биде успешно, претседателот на Косово, Вјоса Османи, има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.

Доколку гласањето е неуспешно, следната иницијатива може повторно да се покрене по 12 месеци.