Пожар во зградата на Берзата во Копенхаген, се урна нејзиниот врв

илустрација

Пожар изутрината го зафатил покривот на зградата на Берзата во Копенхаген, која е една од најстарите згради во градот, јавуваат медиумите.

Зградата која се наоѓа веднаш до палатата Кристијансборг, каде што се наоѓа Парламентот, е популарна туристичка атракција.

Се урнал и симболичниот врв во облик на заплеткани опашки на четири змејови, висок 56 метри.

Големи облаци чад се издигнуваат над центарот на Копенхаген и се гледаат луѓе кои трчаат во зградата за да ги спасат сликите. Данските медиуми јавуваат дека анексот на Парламентот е евакуиран.

Полицијата и пожарникарите се пред зградата, која е опкружена со скелиња. Пристигнала и Итна помош, но нема информации за жртви.

Палатата Кристијансборг гореше во неколку наврати досега. Неодамна, во 1990 година избувна пожар во анексот на парламентот познат како Proviantgaarden. Полицијата побара од луѓето да избегнуваат возење во внатрешниот дел на градот.

Причината за пожарот засега не е позната.