Гугл брише кориснички податоци по судска спогодба

Илустративна фотографија.

Американската технолошка корпорација Гугл (Google) ќе избрише милијарди кориснички податоци при пребарувањата на интернет во инкогнито режим, објави Си-Ен-Ен.

Глобалната мрежа известува дека тоа ќе биде направено врз основа на судска спогодба со која ќе се стави крај на колективната тужба против Гугл, во која се тврди дека компанијата незаконски ги следела навиките на корисниците кои мислеле дека приватно пребаруваат на Интернет.

Си-Ен-Ен додава дека Гугл кон крајот на минатата година ја спогодбата од тужбата од 2020 година, чии услови беа објавени на 1 април во поднесувањето до судот во Сан Франциско.

Се наведува дека Гугл се обврзал да го ажурира системот за да ги извести корисниците кои податоци ги собира кога корисникот ќе започне приватна сесија за прелистување и дека промените се веќе во функција.

Видете и ова: Русија го казни Вибер зашто не отстранил забранети информации

Како што пренесува Си-Ен-Ен, во текот на следните пет години Гугл ќе им дозволи на корисниците кои користат инкогнито сесија да блокираат колачиња од трети страни и да не ги следат нивните избори при пребарувањето на интернет.

Дејвид Боис, адвокат на потрошувачите кои поднесоа тужба ја нарече спогодбата историски чекор во барањето чесност и одговорност од технолошките компании.

„Спогодбата бара од Гугл да ги избрише и коригира податоците што неправилно ги собирал во обем и размер без преседан“, изјави Боис за Си-Ен-Ен.

Хозе Кастанеда, портпарол на Гугл, за Си-Ен-Ен изјави дека компанијата е задоволна што ја разрешува тужбата, за која верува дека е непотребна.

„Никогаш не ги поврзуваме податоците со корисниците кога користат инкогнито режим. Среќни сме што ги бришеме старите технички податоци кои никогаш не биле поврзани со поединец и користени за каква било форма на персонализација“, изјави Кастанеда за Си-Ен-Ен.

Видете и ова: Претставничкиот дом на САД одобри забрана на Тик-Ток, на ред е Сенатот

Тој додаде дека обвинителите „првично барале 5 милијарди долари, но тие добиваат нула“.

Условите на спогодбата во судските поднесоци во судот во Сан Франциско наведуваат дека корисниците нема да добијат отштета како дел од оваа спогодба, но можат поединечно да тужат за отштета.