Израел ја уапси сестрата на лидерот на Хамас како дел од истрагата за тероризам

Исмаил Ханије, лидер на Хамас, јуни 2022 година

Израелските безбедносни сили ја уапсија сестрата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије во Тел Шева под сомнение дека имала врски со Хамас и учествувала во поттикнување и поддршка на тероризам, објавија изутринава израелските медиуми и израелската полиција. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Во полициското соопштение се наведува дека приведената осомничена е близок роднина на висок член на Хамас. Медиумите објавија дека станува збор за 57-годишната Зебах Абдел Салем Ханије.

Видете и ова: Со нападот врз Израел, Хамас се обидува да ја „преуреди“ безбедноста на Блискиот Исток

Според полициски извори, сестрата на Ханије е уапсена под сомнение дека контактирала со оперативци од терористичката група и поддржувала терористички акти.

Во соопштението, полицијата наведува дека при упадот во куќата на осомничената биле пронајдени документи, телефони и други докази кои ја поврзуваат со „сериозни нарушувања на безбедноста“.

Исто како и САД и ЕУ, и Израел, кој е во војна со палестинското движење во Појасот Газа, го смета Хамас за терористичка организација, а лидерот на тоа движење Ханије живее во Катар.