Најмалку 10 ранети во руски ракетен напад врз Киев

Спасувачките работници помагаат да се евакуираат луѓе од станбена зграда оштетена за време на руски ракетен напад врз Киев на 21 март.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека 10 лица, вклучително и едно 11-годишно девојче, биле ранети од урнатини што паднале додека украинската воздушна одбрана одбила масовен ракетен напад врз главниот град рано на 21 март.

Сите проектили се соборени во регионот на Киев, а остатоците од соборената руска ракета погодиле неколку станбени згради, индустриски објекти и градинка.

Службите за итни случаи се на терен во различни делови на главниот град и гаснат неколку пожари, додаде Кличко.

Украинските воздухопловни сили во порака на Телеграм објавија дека системите за противвоздушна одбрана собориле 31 руска ракета насочена кон Киев рано на 21 март.

Непријателот го нападна (Киев) со две балистички ракети Искандер-М, како и со 29 крстаречки ракети Кх-101“, се наведува во пораката.

Видете и ова: САД воведоа санкции за руски компании поради „лажни веб-страници“

Тоа е првиот голем ракетен напад врз Киев во последните недели.

Последниот бран руски напади дојде еден ден откако пет лица беа убиени во руско гранатирање на источниот град Харкив.

Исто така, на 20 март, украински разузнавачки извори изјавија за РСЕ дека украинските беспилотни летала нападнале руска воздухопловна база во која биле сместени стратешки бомбардери лоцирани во близина на Енгелс во регионот Саратов. Нападот бил планиран и изведен од Главната управа на Украинската воена разузнавачка служба.

Изворите, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека „целите се погодени“ и дека се проценуваат резултатите од нападот, без да откријат кои биле целите или колку, наводно, биле погодени.

Видете и ова: ЕУ дозволи бесцарински пристап за украинските производи

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана во соопштение на 21 март наведе дека неговите системи за противвоздушна одбрана собориле 10 ракети „Вампир“, лансирани од Украина во пограничниот регион Белгород.

Во нападот е оштетен најголемиот спортски и културен објект во регионот, Арената Белгород, се наведува во соопштението.

Тврдењето не можеше да се потврди независно.