ЕУ: Спроведувањето на договорот меѓу Косово и Србија да се реши на највисоко ниво

Европска комисија - Брисел

Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано најави можност за одржување средба меѓу лидерите на Косово и Србија во рамки на дијалогот на која ќе се разговара за Договорот за патот кон нормализација на односите.

Имплементацијата на договорот за патот кон нормализацијата, како и барањата за дополнителна официјализирање, треба да бидат разгледани од страна на лидерите на следниот состанок за дијалог на високо ниво“, се вели во писмената изјава на Петер Стано.

Слична порака преку социјалните мрежи во вторник, 19 март, пренесе и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
Во вторникот се одржа состанок на главните преговарачи на кој се разговараше за прашањето за динарот, по одлуката на Централната банка на Косово да ја укине употребата на српската валута за готовински плаќања.

Видете и ова: Ховениер: Има позитивни знаци за динарот, но сè уште нема конкретни предлози

Главните преговарачи расправата ќе ја продолжат во понеделник на 25 март.

Но, за барањето на Косово за официјализирање на Договорот од минатата година и појаснувањето за пораките од Србија дека не сака да спроведе делови од него, ЕУ смета дека за тоа треба да се разговара на највисоко ниво.

„Вчера, специјалниот претставник Лајчак беше домаќин на главните преговарачи од Косово и Србија за да разговараат за напредокот во имплементацијата на договорот за патот кон нормализацијата. Тие разговараа и за изнаоѓање решенија за луѓето погодени од последната одлука на Централната банка на Косово за користење готовина, како продолжение на состанокот одржан на 27 февруари“, рече Стано.

Стано додаде дека средбата во вторникот во Брисел, на која учествуваа главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими, „е важна за да се утврдат некои факти и да се разјаснат некои прашања“.

Според Бесник Бислими, Косово го повторило барањето за потпишување на договорот постигнат пред една година, но Србија одбила.

За средби на највисоко ниво, во рамките на дијалогот, се сметаат оние на кои учествува претседателот Александар Вучиќ од Србија и премиерот Аљбин Курти од Косово, додека во име на ЕУ домаќин на таквата средба е високиот претставник Жозеп Борел.

Видете и ова: Курти за РСЕ: Не прифаќаме предлози за динарот кои се спротивни на уредбата на Централната Банка

На тоа ниво беше постигнат договор пред една година.

Но, ЕУ оценува дека за една година нема напредок во спроведувањето на обврските од тој договор, за што ЕУ жали.
На 18 март 2023 година, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Охрид постигнаа договор за анексот на договорот за патот кон нормализација на односите, што го договорија на 27 февруари истата година во Брисел.

Двата документи не беа потпишани од лидерите бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го стори тоа. Без разлика, ЕУ смета дека договорот е правно обврзувачки за двете страни.

ЕУ го изрази своето разочарување од недоволната имплементација на договорот.