Лидерот на мнозинството во Сенатот на САД, Шумер, повика на избори во Израел

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер.

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер повика на нови избори во Израел, обвинувајќи го премиерот Бенјамин Нетанјаху дека му дава приоритет на неговиот „политички опстанок“ пред државата.

Шумер, демократ и највисок еврејски функционер во САД, рече дека Нетанјаху „го изгубил патот“. Тој предупреди дека високите цивилни жртви во Газа се ризик да ги отуѓат сојузниците и да го претворат Израел во глобален „парија“.

Тоа е остра ескалација на американските критики кон владата на Нетанјаху, пишува Би-Би-Си.

Говорејќи на говорницата во Сенатот на 14 март, Шумер кој е долгогодишен поддржувач на Израел, остро го критикуваше израелскиот лидер за кој рече дека дозволил „неговиот политички опстанок да има предност пред најдобрите интереси на Израел“. Израел, рече Шумер, мора да направи „корекции на курсот“ и да преземе чекори за подобра заштита на цивилите во Газа.

Повеќе од 31.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври, соопшти минатиот месец Министерството за здравство предводено од Хамас - палестинско движење кое САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација. Повеќе од 31.000 убиени се околу 1,3 отсто од 2,3 милиони жители на палестинската територија.

Видете и ова:

Во израелски напад убиени шест жители на Газа кои чекале хуманитарна помош

Израел не се откажува од инвазијата и уништувањето на Хамас, кој на 7 октомври минатата година, заедно со сојузничките палестински екстремистички организации, уби околу 1.200 луѓе, главно цивили, на јужната израелска територија и киднапираше повеќе од 250 заложници.

За да напредуваат мировните разговори, рече Шумер, претседателот на палестинската управа Махмуд Абас, исто така, мора да се повлече. Палестинскиот лидер, кој има 87 години, е малку виден за време на конфликтот и неговата влада нема одржано избори на Западниот Брег од 2006 година.

Коментарите на Шумер предизвикаа критики од лидерот на републиканскиот Сенат во заминување Мич Меконел, кој го нарече 40-минутниот говор „гротескен“ и „невиден“.

Додека САД остануваат најблискиот сојузник на Израел и најголемиот снабдувач на воена помош, загриженоста се зголеми во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

Во интервју за MSNBC на 10 март, претседателот рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“ во неговиот пристап кон војната против Хамас во Газа.

Американскиот претседател го поддржа Израел во прогонот на Хамас, но рече дека Нетанјаху мора да посвети поголемо внимание на страдањата на невините и на последиците од преземените дејствија.

Видете и ова:

Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите мора да биде приоритет

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш ги отфрли критиките на американскиот претседател дека пристапот на Израел кон војната во Газа „повеќе му штети на Израел отколку што му помага“.

„Ако со тоа сакаше да каже дека јас водам приватна политика против мнозинството, желбите на мнозинството Израелци и дека тоа им штети на интересите на Израел, тогаш греши по двете точки“, рече Нетанјаху во интервју за Политико.

Еден ден подоцна, на 11 март, беше објавена годишната проценка на американската разузнавачка заедница за 2024 година, во која се наведува дека десничарската коалиција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „можеби е во опасност“. Способноста на Израел да го елиминира Хамас исто така е доведена во прашање.

Извештајот, наречен Годишна проценка на заканите, обично следи дводневни сослушувања пред разузнавачките одбори на Сенатот и Претставничкиот дом и е ретка прилика кога врвните лидери на големите американски шпионски агенции сведочат на отворени расправи за низа глобални предизвици и жаришта.

За време на сведочењето во понеделникот на 11 март, директорот на ЦИА рече дека договорот за заложници е најпрактичниот начин да се запре војната во Газа, барем привремено.