Партиите го потпишаа Студентскиот манифест за подобро и поквалитетно високо образование

Потпишување на Студентски манифест, 11 март, 2024 година.

Претставници на подмладоците на шест парламентарни партии денеска го потпишаа Студентскиот манифест кој Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет го претстави во средата. Манифестот е повик во предизборниот период за генерални политики за подобра иднина за студентите, како и за подобрено високо образование и подигнување на свеста кај јавноста за проблемите со кои се соочуваат студентите.

Потпис на документот, во кој три клучни цели се бесплатно високо образование, интернационализација и дигитализација, ставија претставници на подмладоците на партиите застапени во Собранието кои се одѕваа на поканата на УСС на УКИМ - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, ДОМ, Левица и Демократско движење.

Претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски им се заблагодари на партиите и кажа дека не бараат ветување од нив затоа што, рече, „ветувањата се историја кои знаеме како завршуваат“.

„Ве повикавме затоа што сметаме дека со соработка и заеднички труд, кој и да дојде утре на власт, доколку ова го потпишеме и се залагаме заедно да работиме – ние активно, и вие активно, дека ќе може да направиме позитивна промена со што ќе ги задржиме младите тука и ќе ги мотивираме да го подобруваат општеството“, рече Николовски.

Тој посочи дека документот е продолжение на првата декларација за подобар студентски стандард која во 2020 година беше потпишана во паркот пред Министерството за образование и наука од тогашните претставници на политичките партии.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто младите се разочарани од политичарите?

„Овој Студентски манифест се однесува на продолжување на тие мерки, на оние кои, за жал, не се исполнети од Владата, а за кои се надеваме дека ќе се бориме да се остварат, многу поактивно за разлика од другите студентски собранија. Но, и нови мерки за кои сметаме дека е време да почнат да се имплементираат како поголеми процеси за реформи во високото образование, а тоа се бесплатното високо образование, пракса што се применува во повеќето земји на Балканот, интернационализација - за да привлечеме странски студенти кои ќе останат тука да работат и ќе може да ја развијат нашата економија, како и целосна дигитализација во високото образование“, истакна Николовски.

Покрај овие три клучни цели на Манифестот, потписниците се обрзаа да се залагаат и за поголем квалитет наспроти квантите како резултат на големиот број универзитети и факултети, но и за поголема автономија на високообразовните институции при вработување кадар и во управувањето со финансиите.

Студентскиот манифест на УСС на УКИМ е поддржан од студентските собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, „Мајка Тереза“ - Скопје, „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово.