Москва со предупредување до американската амбасада, уште три организации прогласени за „непожелни“

Американската амбасада во Москва

Руското Министерство за надворешни работи ја повика американската амбасадорка во Москва Лин Трејси и упати строго предупредување до Вашингтон да остане настрана од внатрешните работи на Русија пред претседателските избори, на кои актуелниот претседател Владимир Путин се очекува да добие уште еден мандат.

Министерството ја информираше Трејси дека три американски невладини организации (НВО): Американскиот совет за меѓународно образование, Културни перспективи и Институтот за меѓународно образование, биле означени како „непожелни организации“ и побарале од амбасадата „да прекине секаква соработка“ со нив.

Според законот, активностите на трите организации ќе бидат забранети во Русија и секој што соработува со нив може да се соочи со кривични казни, вклучително и до шест години затвор.

Министерството ги обвини невладините организации дека водат „антируски програми и проекти насочени кон регрутирање „агенти на влијание“ под маската на образовни и културни размени“ и дека секоја понатамошна соработка со амбасадата „ќе се смета за кршење на рускиот закон“.

„Посебно е нагласено дека обидите за мешање во внатрешните работи на Руската Федерација, вклучително и субверзивни дејствија и ширење на дезинформации во контекст на изборите и специјалната воена операција, ќе бидат остро и решително потиснати, вклучувајќи го и протерувањето како „персона нон грата“ на вработените во Амбасадата на САД вклучени во такви акции“, се вели во соопштението на Министерството.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

Од Американската амбасада засега нема реакција.

Законот за „непожелна организација“, усвоен во 2015 година, беше регулатива поддржана од Кремљ за невладините организации кои добиваат финансирање од странски извори. Ознаката се применува на десетици странски групи, откако Москва почна да ја користи класификацијата и ефикасно да забранува организации.

Радио Слободна Европа минатиот месец беше прогласена за „непожелна организација“.

Потегот на министерството доаѓа нешто повеќе од една недела пред Русите да излезат на гласање на претседателските избори на кои Кремљ се надева дека ќе ги искористи како приказ на национално единство во поддршка на претседателот Путин и неговата инвазија на Украина, која Русија ја нарекува „специјална воена операција“.

Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни, ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувството на легитимност.

Влијанието на Кремљ врз политиката, медиумите, спроведувањето на законот и другите лостови значи дека Путин, кој владее со Русија како претседател или премиер од 1999 година, сигурно ќе победи, со исклучок на некој голем, неочекуван развој.