Шехбаз Шариф денеска, на 3 март, беше избран за нов премиер на Пакистан на гласање во Националното собрание формирано по парламентарните избори, чиј резултат го оспоруваат приврзаниците на поранешниот премиер Имран Кан.
Шехбаз Шариф (72) веќе беше премиер од април 2022 до август 2023 година.
Тој е избран со 201 глас „за“ и 92 „против“, три недели по изборите одржани на 8 февруари, обележани со силни сомнежи за проневера. Гласовите против беа за Ајуб Кан, кандидат поддржан од поранешниот премиер Имран Кан.
Имран Кан, кој е во затвор од август, тврди дека изборите биле наместени на срамен начин, на иницијатива на моќната армија, за да се спречи враќањето на неговата партија на власт.
За да се вратат на власт, Шехбаз Шариф и неговата партија, Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н), мораа да постигнат коалициски договор со својот историски ривал, Пакистанската народна партија (ППП) на Билавал Буто Зардари и неколку други помали партии.
Видете и ова: Протести во Пакистан поради изборните резултати додека продолжуваат да течат разговорите за идната владаЗа возврат, поранешниот претседател Асиф Али Зардари (2008-2013), сопруг на убиената поранешна премиерка Беназир Буто и татко на Билавал, беше номиниран од партијата ЈПП за заеднички кандидат за претседател.
Денешната парламентарна седница помина бурно, одбележана со размена на навреди меѓу приврзаниците на многу популарниот Имран Кан, кој беше претходник на Шехбаз Шариф како премиер во периодот од 2018 до 2022 година, пред да биде сменет со гласање за недоверба на владата.
Шехбаз Шариф, помладиот брат на Наваз Шариф, кој и самиот беше премиер три пати, треба да положи заклетва на 4 март за нов петгодишен мандат. Сепак, ниту еден пакистански премиер никогаш досега не го завршил тој петгодишен мандат како претседател.